X
 05.04.2024 Наша тема

Македонски Брод со двојно повеќе матуранти од лани, но продолжува празнењето на училиштата во помалите општини, за две децении трипати помалку ученици

Засега само некои општини даваат парична помош од 5.000 денари за учениците што се запишуваат во средно училиште во општините каде што се родени, додека државата им обезбедува бесплатен престој во средношколски домови на оние кои заминуваат.

Лани станаа познати по неславниот рекорд - најмал број матуранти во Македонија, дури 11. Годинава можат да се пофалат со двојно повеќе, 23, но сепак остануваат на дното на листата со средни училишта во земјава по број на завршени средношколци. Сепак, од школото сметаат дека е за пофалба тоа што во прва година успеаја да запишат дури 42 ученици, а во претходните години на уписите имало за половина помалку. Средното општинско училиште „Св. Наум Охридски“ од Македонски Брод не се предава иако, како и другите училишта во помалите општини, ги чувствува последиците од депопулацијата во одредени региони.

- За пофалба е тоа што успеавме во прва година да запишеме дури 42 ученици, што не било 10 години наназад. Во изминатите години имавме во просек по 23 ученици во прва година. Доколку продолжи ваквиот тренд, во идните години училиштето ќе има повеќе матуранти - вели директорот Жарко Стојкоски.



Државата да ги поддржи и учениците што остануваат да учат дома

Стојкоски во изминатите години апелираше до надлежните да најдат начини да им дадат поддршка на учениците кои остануваат да учат средно школо во родните места. Целта е младите да не се иселуваат во средношколски денови, а со тоа да не се празнат училиштата и општините. Засега поддршка добива само од Општина Македонски Брод, а не и од државата.

- Четири години наназад по 5.000 денари дава Општината за секој што ќе се запише во нашето средно училиште. Државата сѐ уште не обезбедува помош за овие ученици, а дава бесплатно сместување по средношколски интернати за оние што ќе заминат да учат во друга општина. Дел од учениците заминуваат да учат во Битола и во Прилеп. За она што го зборував и лани, државата да им дава помош на децата што остануваат тука со цел младите да останат да учат дома и да не згаснат училиштата, ништо не е направено - вели Стојкоски.



За 10 години преполовен бројот на матуранти во Кратово, Берово и во други мали општини

Се празнат средните училишта и во другите помали општини низ државата. За десетина години преполовен е бројот на матуранти во Крушево, Кратово, Берово и на други места.

- Бројот на матуранти во нашето училиште годинава е 71, а пред десет години, односно 2013/14 имавме повеќе од двојно, или 149. Во нашето училиште покрај гимназиско имаме и стручно образование: текстилно-кожарска струка, угостителско-туристичка и шумарско-дрвопреработувачка струка. Учениците што остануваат да учат во родниот крај имаат поддршка од градоначалникот, односно од Советот на Општината кој на учениците од прва година им доделува по 5.000 денари. Полнолетните ученици имаат субвенција за полагање возачки испит во висина од 8.000 денари. Помош од државата немаат - велат од средното ОСУ „Ацо Русковски“ од Берово.

За две децении тројно намален бројот на средношколци

Намалувањето на бројот на ученици трае во континуитет со години. Во дел од помалите општини бројот на средношколци во изминатите две децении се намалил за три пати. Така е во Берово, каде што според Државниот завод за статистика, имаше 281 средношколец, а во 2001/2002 тројно повеќе - 769. Слична е состојбата и во Кратово. Ако во 2001/2002 оваа општина имаше 546 средношколци, лани ги имаше 176.

- Во средното општинско училиште „Митко Пенџуклиски“ оваа учебна 2023/2024 година имаме вкупно 37 матуранти, и тоа 21 ученик во гимназиско образование и 16 во угостителство и туризам, со образовен профил угостителски техничар за рурален туризам. Имаме значително помал број на матуранти во споредба со пред 10 години, кога бројот беше 61, тоа е за 24 ученици помалку во споредба со оваа учебна година. Во последниве две години учениците што се запишани во стручното образование, во секторот угостителство и туризам со образовен профил - квалификација хотелско-ресторански техничар за паралелка со зголемен број часови по практично образование, добиваат стипендии од Министерството за образование и наука - велат од СОУ „Митко Пенџуклиски“ - Кратово.

Во Крушево годинава има 36 матуранти, бројката на средношколци според ДЗС е 108, што како и во другите помали општини, значи намалување за три пати. Во 2001/2002 имало 368 средношколци.



Се празнат и училиштата во големите градови, се иселуваат цели семејства

Не се празнат само училиштата во помалите општини, туку и во поголемите како последица на намалениот наталитет и иселувањето од Македонија. Дел од училиштата во големите општини како Битола, Куманово, Прилеп, Велес даваат податоци дека се случува ученици да им заминат и сред учебна година, иселувајќи се заедно со семејствата. Сѐ почести се примерите на семејства кои преку лето заминале да работат во Хрватска, а потоа го продолжиле престојот и ги повлекле и децата со себе, па сега се запишани во тамошни училишта. Во Битола бројот на средношколци лани беше 3.931, а пред две децении 6.259. Сѐ помалку ученици има и во скопските општини, како што се Центар, Карпош, Ѓорче Петров и други.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на учениците во редовните средни училишта, на почетокот на учебната 2022/2023 година изнесуваше 69 227, што претставува намалување за 2,5 отсто во споредба со претходната учебна година.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема