Очекуваме по скратена постапка да се донесат законските измени и уште од оваа година да се укине екстерното тестирање за учениците од основното и средното образование, вели во соопштението Стефан Богоев, пратеник и претседател на Социјалдемократската младина на Македонија
Предлог измените на законите за основно и средно образование кои се однесуваат на укинување на екстерното тестирање денеска ќе бидат доставени во Собранието за да може пратениците да ги донесат по скратена постапка, соопшти Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
- Очекуваме по скратена постапка да се донесат законските измени и уште од оваа година да се укине екстерното тестирање за учениците од основното и средното образование. Ветивме дека меѓу првите наши приоритети ќе биде укинувањето на штетниот таканарен проект „екстерното тестирање“ што предизвика трауми кај учениците, стресови кај родителите, казни за наставниците. Сакаме да ги заштитите учениците, родителите, наставниците и професорите уште оваа година, за да не треба да поминуваат низ голготата низ којашто поминуваа години наназад - вели во соопштението Стефан Богоев, пратеник и претседател на Социјалдемократската младина на Македонија.
Според него, овој проект дал негативни резултати, наместо да влијае на подобрување на образовниот процес. Тој вели дека новата Влада и парламентарното мнозинство се цврсто определени да работат на решенија што ќе придонесуваат за квалитетно образование од коешто ќе излегуваат оспособени и стручни кадри.
- Нема да работиме преку казни, туку по принципот на награди. Така ќе ги мотивираме учениците, наставниците и професорите, училиштата, да се заложуваат за резултати во образованието, како важен сегмент преку коишто ќе се развива и општеството во коешто живееме. Ќе се заложиме да бидат испочитувани парламенатрните процедури и оваа година екстерно тестирање за учениците да нема. Ги повикувам сите политички партии да го поддржат овој наш предлог во интерес на учениците, наставниците, родителите и граѓаните - вели Богоев.
Петар Атанасов, претседател на Комисијата за образование и наука на СДСМ
вчера за Факултети.мк изјави дека многу е кусо времето до крајот на учебната година.
- Единствен правен пат е да се направат законски измени. Реално сме во цајтнот, но не е исклучена можноста и да се стигне и тие измени да се направат на седница на Собранието. Нашите предлог-измени за законот се изготвени, можат веднаш да влезат во Собрание. Не мора да се чека да се формира Владата, се може да се реши во Собранието – изјави Атанасов.