Линиите од Наск се огромни геоглифи, односно цртежи кои се наоѓаат во јужниот пустински регион на Перу, во близина на истоимениот град Наск. Се простираат на подрачје со големина од 500 километри квардатни , а некои од нив се со должина од 20-тина километри.
Постојат во триаголна форма, но и во форма на различни фигури од луѓе, мајмуни ,птици и китови, со големина од десет до неколку стотини метри. Најдобро можат да се забележат од авион или сателит.
Генерации научници го истражувале нивното потекло, обидувајќи се да ја разрешат мистеријата на настанување на овие геоглифи, имајќи го предвид фактот дека и самите „автори“ не можеле да ги видат. Благодарејќи на анализите на сателитските снимки, научниците веруваат дека ја најдоа вистинската претпоставка за настанокот на „линиите од Наск“. А тоа е заради највредниот пустински ресурс – водата.
„Луѓето биле во можност да користат подземни води за наводнување и за земјоделските активности со кои се занимавале. Тоа бил начин како да ја претворат пустината во градина“, вели Роса Ласапонара, истражувач од Националниот истражувачки совет од Рим, коавторка на минатогодишната студија која ги проучувала геоглифите.
Научниците во близина на лините воочиле спирални отвори во земјата, наречени „пукитос“. Сателитските снимки им овозможиле да ги забележат и идентификуваат подземните канали за вода кои ги поврзуваат овие отвори. На тој начин сфатиле дека истите се дел од древен, но за тоа време многу напреден, водоводен систем.
Подземната вода течела низ каналите до населените делови од регионот, каде населението се занимавало со земјоделство. Водата ја придвижувале спиралните „пукитоси“ со силата на ветрот, кој ја носел кон нив каде добивала природно „забрзување“ низ подземниот систем од канали.
Научниците досега главно претпоставуваа дека линиите од Наск имале некаква врска со водата, но дека нивната улога била единствено церемонијална.
„Многу е јасно дека ’пукитосите‘ и линиите од
Наск се дел од ист систем, со оглед на тоа што водата на тие луѓе им била од клучно значење за нивно преживување во пустинско опкружување“, истакнува Ласапонара и додава дека линиите истовремено биле и начин како да се заблагодарат на боговите за водата.
Сепак, некои лица сè уште веруваат дека овие линии претставуваат пораки од тој народ испратени кон древните вонземјани.