X
 31.05.2017 Образование

Рената Дескоска најави: Укинувањето на екстерното утре во Собрание

Трите закони со кои ќе биде укинато екстерното тестирање во основните и средните училишта во Македонија утре ќе бидат на дневен ред во Собранието, најави денеска пратеничката на СДСМ, Рената Дескоска, кандидатка за нов министер за образование.



Таа нагласи дека тоа е првиот чекор кон промените во образованието кое им го ветиле на граѓаните. Денеска ќе бидат избрани надлежните комисии за законите во областа на образованието, кои се веќе договорени.

- Сакам да им порачам на учениците и на нивните родители - оваа година ќе нема екстерно тестирање – рече Дескоска.

На прашањата дали се реални шансите се’ да се заврши, со оглед на тоа што петок е неработен ден, а екстерното оценување почнува в понеделник, Дескоска одговори дека ќе направат се’ за да се усвојат измените на законите.

- Утре ќе работиме цел ден, а се случувало Собранието да работи во сабота и во недела. Ќе сториме се’ законот да биде донесен. Веќе наидуваме на разбирање, се одблокираа комисиите, се формираат нови, има и резервни варијанти како да се реши проблемот. Сепак, апелирам до сите пратеници во Собранието да бидат конструктивни, бидејќи укинувањето на екстерното тестирање е во интерес на учениците - рече Дескоска.

На прашањето дали постои можност министерот сам да го одобри законот, Дескоска повтори оти верува дека законот ќе биде донесен и оти ќе нема потреба да се употребуваат „резервните варијанти“ за решавање на случајот.

- Се надевам дека екстерното тестирање ќе биде укинато без да одиме со други подзаконски акти - изјави Дескоска.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование