Поттикнување на дијалог помеѓу граѓаните од Тетово за константниот проблем на тетовските улици – дупките кои постојано се јавуваат и претставуваат опасност за сите учесници во сообраќајот. Ова е целта на млади волонтери од Тетово во рамки на проектот „Transformers”, реализиран од страна на невладината Центар за Балканска Соработка „Лоја“.
Акцијата е започната пред една недела. Се состои од пополнување на дупките кои ги има на повеќе улици во централното градско подрачје на Тетово. На креативен начин, волонтерите посадија цвеќиња на местото на дупките. Акцијата ќе продолжи и во текот на следната недела со цел да ги повика граѓаните на дискусија за опцијата за подолготрајно решение за санирање на дупките во улиците на Тетово. Заедно со цвеќињата насадени во уличните дупки, поставени се и постери низ градот, со порака да се внимава при движењето на улиците, кои со своите дупки повеќе наликуваат на пејсаж од кратерите на Месечината.
Проектот „Transformers”, имплементиран во партнерство на локални организации од градовите Тетово и од Штип, во текот на месеците април и мај 2017 година организира серија на уметнички инсталации, перформанси и други активности во Тетово и во Штип - под името „Трансформативни Акции“. Проектот, има за цел, преку трансформативните акции, да поттикне ангажирање на граѓаните од локалните средини, од тетовскиот и од штипскиот регион, во адресирање на локални проблеми преку алатките кои ги нуди уметноста – како и за поттикнување на понатамошни активности кои ќе водат кон понуда на решенија за локалните проблеми и отворање на широк дијалог во нашите заедници за заедничко граѓанско дејствување. Акциите се подготвени од група на граѓани, студенти и волонтери, кои интензивно работеа на нивната подготовка изминатиов период, под заедничкото име Трансформери.