Во најновата екоакција што се спроведе во рамките на повеќегодишната платформа „Рециклирате ли!?“, волонтерите на „Пивара Скопје“ исчистија неколку километри од кејот на реката Вардар во скопските општини Аеродром и Гази Баба. Притоа беше собран целиот сув отпад од патеките и бреговите на двете страни на реката, кој понатаму ќе биде соодветно селектиран и рециклиран.
Како и на претходните, така и во оваа волонтерска екоакција на „Пивара Скопје“ активно се вклучија амбасадорите на Холандија, Велика Британија и САД, со членови на персоналот на амбасадите, а овој пат засилување пристигна и од волонтерите од СОС Детско село и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Акцијата ја поздрави и градоначалникот на Гази Баба. Традиционално, целокупната логистичка поддршка при транспортот, селектирањето и рециклирањето на собраниот отпад во акцијата ја даде „Пакомак“. За вадењето на отпадот од реката се погрижија нуркачите од спелеолошкото друштво „Врело“.
- „Пивара Скопје“ посветено работи на остварување на поставените цели и своите заложби за „Свет без отпад“. Оваа екоакција, како и претходните, покажува дека како компанија, но и како поединци сме подготвени да одвоиме средства и дел од своето работно време за да придонесеме за остварување на тие заложби. Ме радува што со секоја нова волонтерска акција бројот на нашите партнери што ги делат истите вредности и кои нѐ поддржуваат во оваа наша мисија постојано се зголемува - изјави генералниот директор на „Пивара Скопје“, Дан Тимотин. „Со ваквите волонтерски активности кои ги организираме заедно со нашите партнери сакаме да упатиме јасна порака и апел до целата заедница дека сите треба да го преземат својот дел од одговорноста и повеќе да се ангажираат во решавањето на проблемот со загадувањето, со што ќе создадеме одржлива иднина за нас и за идните генерации“, потенцира Тимотин.
Платформата „Рециклирате ли!?“, наменета за подигнување на јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпадот, почна да се реализира во 2016 година, со организација на првата екоакција за чистење на кејот на реката Вардар, а продолжи и во наредните две години, со втората екоакција за чистење на кејот и водите на Вардар, како и чистење на околината и водите на езерото Матка. Во овие акции беа собрани над 30m³ отпад, за што беа вложени над 300 часа волонтерска работа. Минатата година беше организирана и волонтерска активност за подигнување на јавната свест за замена на неразградливите пластични кеси со алтернативни решенија кои не ја загадуваат животната средина, а беше спроведен и едукативен карван со кој беа опфатени над 10.000 основци.
За извршниот директор на „Пакомак“, специјализирана компанија за управување со отпад од пакување која е партнер на „Пивара Скопје“ во сите вакви акции, одговорноста и обврските за решавање на предизвиците поврзани со заштитата на животната средина треба да бидат рамномерно распределени на сите засегнати субјекти во општеството.
- Уште од нашето основање, па сѐ до денеска, благодарение на финансиите и поддршката од нашите основачи, како „Пивара Скопје“ и другите наши членови, успешно ги исполнуваме и ги надминуваме еколошките цели и таргети за собирање и правилен третман на отпадот од пакување што ги одредува државата. Но, постојат компании и субјекти кои пласираат различна амбалажа на пазарот и генерираат отпад, а не учествуваат во финансирањето на системите за негово собирање и рециклирање, ниту ѝ плаќаат на државата за тоа, со што директно ги оштетуваат буџетот и животната средина. Ова е проблем кој мора соодветно да се адресира и да се решава - изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во „Пакомак“.
Следејќи го глобалното лидерство на групацијата Coca-Cola HBC во доменот на одржливиот развој, како и практиките за одржливост на HEINEKEN, „Пивара Скопје“ континуирано вложува и спроведува практики кои придонесуваат за почиста животна средина, како што е употребата на амбалажа која целосно може да се рециклира, примена на мерки за заштеда на вода и енергија, како и за намалување на сите емисии од производството, вклучувајќи го и соодветниот третман и реупотреба на водата што се користи во производствениот процес. Како еден од основачите на „Пакомак“, „Пивара Скопје“ постојано вложува и во ефикасноста на системот за собирање и рециклирање на целокупниот отпад од пакување во земјата.
За предводничката улога во доменот на одржливиот развој и евидентните резултати во заштита на животната средина, „Пивара Скопје“ има добиено голем број домашни и меѓународни признанија, меѓу кои и годинешната награда „Предводници на целите за одржлив развој“ на Обединетите нации, што се доделува во рамки на проектот „Градење меѓусекторски партнерства за одржлив развој“, кој е финансиран од Европската Унија, а го спроведува граѓанската организацијата „Конект“.
За повеќе информации, посетете ја страницата ПОЛНА ЧАША на
www.polnacasa.mk.
(Комерцијална објава)