X
 06.06.2017 Култура

Омилените филмови на Мартин Скорсезе


Мартин Скорсезе
(Фото: Wikimedia commons)

И да не сте најголемиот филмофил на светот, невозможно е да не сте погледнале барем еден филм од Мартин Скорсезе!

Овој режисер од Америка, со италијанско потекло, е роден во Њујорк, во 1942 година. Неговата првобитна желба била да стане свештеник, но истата почнала полека да згаснува како што го запознавал светот на кинематографијата. Неговите родители биле големи љубители на филмот, па истата страст ја пренеле и на својот син.

По завршувањето на филмската академија, извесно време предавал и во школо за филм. Првиот долгометражен филм го снимил на своја 27-годишна возраст. Покрај големиот број номинации, го освоил долгопосакуваниот Оскар за најдобар режисер за филмот The Departed (Двојна игра) , но и Оскарите за најдобар филм, адаптирано сценарио и монтажа.

„Филмот, каков што ние го познававме, речиси исчезна“ – напиша  Скорсезе во својот есеј за јазикот на кинематографијата.  Тој понатаму дебатира за традиционалните форми на филмот, тврдејќи дека денес сликите постојано и насекаде околу нас се движат како визии многу побрзо од претходно. Затоа и немаме друг избор освен на истите да гледаме како на јазик или начин на разбирање.

Омилените филмови на Мартин Скорсезе


1. Стенли Кјубрик: Одисеја во вселената (1968)

2. Федерико Фелини: Осум и една половина (1963)

3. Анджеј Вајта: Пепел и дијаманти (1958)

4. Орсон Велс: Граѓанинот Кејн (1941)

5. Лучино Висконти: Леопард (1963)

6. Роберто Роселини: Паиса (1946)

7. Мајк Повел и Емерик Пресбургер: Црвените чевли (1948)

8. Жан Реноар: Река (1951)

9. Франческо Роси: Салваторе Џулијано (1962)

10. Алфред Хичкок: Вртоглавица (1958)

11. Џон Форд: Трагачи (1956)

12. Мизогучи Кенџи: Угетсу Моногатари (1953)

Од овие дванаесет филмови, Скорсезе го издвојува филмот Вртоглавица од Хичкок, нагласувајќи ја неговата големина и восхитот кон неговата хипнотизирачка убавина. Без ова дело, тој смета дека не може ниту да се замисли светот на филмот.

Овој неизмерен љубител на филмот не престанува со пренесувањето на таа емоција врз публиката  во секој момент кога ќе му се даде можност за тоа.  Дали преку филм или преку повремени текстови во медиумите, таа негова страст и верност постојано се чувствуват. Њујоршкиот режисер со италијански дух никого не остава рамнодушен, барем кога се работи за седмата уметност.

„Кога слушам дека луѓето го сметаат филмот за ’фантазија‘ и прават голема разлика меѓу реалниот живот и филмот, сметам дека тоа е начин на избегнување на  моќта која ја има кинематографијата. Се разбира дека тоа не е живот, туку е повикување на животот и постојан дијалог со него.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура