X
 15.06.2017 Технологија

„Microsoft“ предупредува за нови сајбер напади

„Microsoft“ објави безбедносна надградба за „Windows“ со која сака да спречи нови напади како што беше неодамнешниот „WannaCry“ напад кој предизвика паника во светот.

микрософт

Од „Microsoft“ предупредуваат дека моментално постои зголемен ризик за деструктивни сајбер напади напоменувајќи дека позади нив може да стојат држави (иако не споменуваат за кои држави станува збор), а освен за новата верзија на „Windows“, оваа безбедносна надградба е достапна и за постарите верзии на оперативниот систем („Windows XP“ и „Windows Server 2003“) за кои повеќе не обезбедува официјална поддршка, но голем број на луѓе уште го користат.

Оваа надградба треба на корисниците да им овозможи дополнителна заштита од напади слични на „WannaCry“.

Од компанијата не сакаа да коментираат дали од компаниите за безбедност забележале некои информации и предупредувања за потенцијални нови напади.

Минатиот месец беа објавени безбедносни надградби за пропустите во постарите верзии на „Server Message Block“ протоколот кој влијае врз сите верзии на „Windows“, а со новата надградба на „Microsoft“ биле обезбедени три безбедносни пропусти кои уште претходно ги објавија хакерите од „Shadow Brokers“.

Иако „Microsoft“ сега објави безбедносна надградба и за верзиите на софтвер на кој одамна му истекла поддршката, Ерик Доер од оваа компанија вели дека корисниците чии компјутери и понатаму работат на ваквите платформи повеќе не треба да очекуваат слични надградби, па така најдобро би било да го надградат самиот софтвер односно верзијата на „Windows XP“ да ја заменат со понова и помодерна.

Со оглед на тоа што безбедносните експерти постојано предупредуваат дека во иднина можеме да очекуваме повеќе напади како „WannaCry“ кои веројатно ќе бидат уште поопасни, важно е секогаш да ја користите најновата верзија на софтверот и да инсталирате најнови безбедносни надградби кои би можеле да спречат зараза на компјутерот со малвер.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија