X
 27.05.2020 Технологија

Научниците постигнале неверојатна брзина на интернет - преземени се 1.000 филмови за помалку од секунда

Колку и да имате брза интернет-врска, секогаш имаме чувство дека може да биде побрзо. Но, брзината што ја постигнаа научниците од Австралија, тешко е воопшто да се замисли.



Научниците од универзитетите „Монаш“, „Синбурн“ и РМИТ успешно тестирале и забележале најголема брзина на пренос на податоци преку интернет благодарение само на еден оптички чип. Нивната брзина изнесувала неверојатни 44,2 терабајти во секунда. Колку е тоа брзо најдобро зборува податокот дека со таа брзина можат да се преземат 1.000 филмови со висок квалитет во помалку од една секунда. Користејќи ја оваа брзина, 1,8 милиони луѓе би можеле истовремено да користат иста широкопојасна интернет-врска без никакви проблеми.


Научниците, чиј успех е забележан во престижното списание „Нејчр Комјуникејшнс“, истакнуваат дека нивното откритие би можело целосно да ги промени животите на милијарда луѓе кои моментално работат од дома.

Нивниот успех е уште поголем затоа што не го постигнале во лабораторијата, туку во реални услови на веќе постоечка инфраструктура. За тестирање, тие користеле нов уред кој може да замени 80 ласери со уред познат како микро-чешел, кој е помал и полесен од постојната телекомуникациска опрема.

brzina
Фото: Pixabay

Истражувачите посочуваат дека овие податоци можат да им помогнат да проценат како ќе се однесуваат нашите оптички мрежи за неколку години, кога количината на податоци што патуваат низ нив се зголемува повеќе. Тие се надеваат дека ќе можат да направат нови уреди во иднина што можат да ја зголемат брзината на оптичката мрежа од неколку стотици гигабајти во секунда до десетици терабајти во секунда, без зголемување на големината или цената.

- Се надеваме дека на долг рок би можеле да создадеме чип што ќе овозможи вакви брзини за пренсување податоци преку постојни оптички кабли со минимална цена - велат научниците.


Првично, таквата технологија би можела да се користи од центрите за податоци за да комуницираат едни со други, но со понатамошен развој, технологијата би можела да стане толку евтина што обичните корисници ширум светот би можеле да си ја дозволат.

Извор: Monash.edu
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија