X
 15.06.2017 Живот

Пријателите нѐ прават посреќни во споредба со членовите од семејството


Другарчиња прегрнати и свртени со грб
(Фото: Flickr)

Ново истражување што го спровел Универзитетот Мичиген покажало дека пријателите нѐ прават посреќни и поздрави отколку членовите од семејството. „Пријателите се свесен избор, додека односите во семејството можат да бидат сериозни, негативни и еднолични“, рекол Вилијам Чопик, професор по психологија и автор на истражувањето. Истражувањето се состоело од две студии. Во едната биле анкетирани речиси 300 илјади луѓе на возраст од 15 до 99 години, во повеќе од 90 земји.

Било откриено дека (според личната проценка на себеси) посреќни и поздрави биле испитаниците на кои пријателството им значело повеќе. Во втората студија биле користени податоци од испитувањето на 7.481 човек кои биле постари од 50 години, а биле следени во текот на шест години. Било заклучено дека како што пријателските односи станувале полоши, така растела стапката на болести кај испитаниците. Спротивно на тоа, кога пријателите им давале поголема поддршка, луѓето биле поздрави.

Семејството, пак, нема голема врска со здравјето на поединецот. Партнерите и децата влијаат врз нас, но не толку колку пријателите. Според Чопик, одржувањето квалитетни пријателски односи ја поттикнува самодовербата и го намалува стресот, бидејќи ним можеме да им кажеме сѐ, без да се плашиме дека ќе бидеме осудени.

И многу други истражувања ја докажале користа од пријателствата. Така, едно истражување кои се засновало на проучувањето на 148 различни студии во кои учествувале повеќе од 308 илјади луѓе, довело до заклучок дека оние со поцврсти пријателски врски имаат поголеми шанси да живеат подолго, па и до седум години.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот