Откако неволно веќе призна дека сè повеќе станува медиумска компанија отколку социјална мрежа, „Фејсбук“ сериозно почна да размислува за прикажување на
ТВ-серии и емисии.
Веќе при крајот на летово, сите корисници би можеле преку своите профили да ги следат популарните серии, што во моментов е една од главните цели на оваа најпопуларна социјална мрежа.
„Фејсбук“ соопшти дека ќе вложи сериозни средства за прикажување на нови серии за публиката од 17 до 30 години. Таа компанија ќе издвојува околу 3 милиони долари по една 30-минутна епизода од една серија, отприлика колку што изнесуваа трошоците за прикажување на епизодите од серијалите
Breaking Bad и
The Big Bang Theory.
Наводно, компанијата веќе обезбедила средства за емитување на сериите
Strangers и
Loosely Exactly Nicole.
Според медиумите, најпопуларната социјална мрежа планира да ги надмине „Јутјуб“, „Нетфликс“ и „Хулу“. Тие компании и веб-сервиси за размена на видео-содржини веќе вложуваат големи средства во оригинални содржини, но очигледно, „Фејсбук“ се обидува да им се спротивстави. Во таа „борба“, тие најмногу сметаат на речиси две милијарди корисници ширум светот.
Сè уште не е јасно дали ТВ-сериите ќе добијат свои страници на „Фејсбук“ или продуцентските куќи ќе ги прикажуваат преку своите индивидуални страници на оваа мрежа.