Најголемите млекарници во светот имаат вкупни емисии на стакленички гасови како Велика Британија, шестата најголема економија во светот, покажува нов извештај.
Анализата покажува дека влијанието на 13 компании врз
климатската криза е сѐ поголемо, со 11-отстотно зголемување на емисиите во само две години по Парискиот договор за климатски промени од 2015 година, најмногу поради консолидација во секторот. Научните извештаи покажуваат дека консумацијата на млеко и месо мора значително да се намали во богатите нации за да можеме да се справиме со климатските промени.
Во извештајот на Институтот за земјоделство и трговска политика (ИАТП) во САД, исто така, се наведува дека растот на огромните млекарници помогнал во намалување на цените на млекото под цената на трошокот за производство во изминатата деценија, предизвикувајќи криза во руралните средини. Истражувачите велат дека повторно треба да се воведат ограничувања во производството за да се заштитат и климата и малите фармери.
- За разлика од сѐ поголемиот јавен надзор на компаниите за фосилно гориво, има мал јавен притисок за глобалните корпорации за млеко и месо да бидат одговорни за нивните емисии. Дури и малку од овие компании ги пријавуваат нивните емисии - истакнува Шефали Шарма, европски директор во ИАТП.
Претставници на
млекарската индустрија истакнуваат дека извештајот не ја одразува реалноста на нивниот сектор. Во заедничко соопштение, Џудит Брајанс, претседател на Меѓународната млекарска федерација, и Доналд Мур, извршен директор на Глобалната млекарска платформа, истакнаа: „Млекарскиот сектор е посветен на производство на хранлива храна на еколошки здрави и одговорни начини. Многу е лесно да се извади извештај во кој се критикува и со кој се прави обид за создавање слика за сектор кој не ги содржи сите нијанси на реалностите за тоа како глобалниот млекарски сектор го храни светот со безбедна храна богата со нутритиенти и тоа го прави на начин кој оди кон еколошки подобрувања додека обезбедува егзистенција за голем процент од светското население“.
Во извештај на Организацијата за храна и земјоделство при ОН и Глобалната млекарска платформа од минатата година беше наведено дека за да го ограничи зголемувањето на температурите, млекарскиот сектор мора да ги намали емисиите на стакленички гасови и да работи на иднина со малку јаглерод.
- Емисиите на млекарскиот сектор се зголемиле за 18 отсто во периодот меѓу 2005 и 2015 година бидејќи севкупното производство на млеко се зголемило за 30 проценти. Добрите вести се што има многу можности во секторот за ограничување на климатските промени преку намалување на емисиите. Иако има некои нејаснотии за големината и тајмингот на промените, сигурно е дека се случуваат - се наведува во извештајот.
Повеќе од 90 отсто од емисиите на млекарската корпоративна индустрија се произведени од самите крави, претежно во форма на метан. Истражувањата покажуваат дека сите млека од растенија, на пример, овесното, резултираат со многу помалку емисии од обичното млеко.
Во извештајот на ИАТП се наведува дека емисиите од големите компании се зголемиле од 306 милиони тони јаглероден диоксид во 2015 година на 338 милиони тони во 2017 година. Годишните емисии на Велика Британија се 350 милиони тони.
Консолидацијата во млекарската индустрија довела до затворање на четири од пет млекарници во ЕУ од 1981 до 2013 година, додека во САД од 70-тите години досега се затвориле 93 отсто од фамилијарните млекарници.
- Мора да бидете големи или ќе ве снема - вели Шарма.
Насловна фотографија: Pixabay