X
 26.06.2018 Култура

Бетон што ќе направи револуција во светот - ги задржува емисиите на јаглероден диоксид

Бетонот е најраспространет материјал во светот. Го има насекаде. Иако не обрнувате многу внимание, веројатно и сега ве опкружува.

Но тој е проблематичен поради емисиите на јаглероден диоксид. Цементот е лепило што го прави бетонот цврст, но процесот на изработка на цементот вклучува и загревање на калциум карбонат или варовник, што ослободува големи количини на јаглероден диоксид во атмосферата.

Цементот е одговорен за 7 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови, што го прави вториот најголем светски извор на јаглероден диоксид во светот, според Меѓународната агенција за енергија. Податоците од американската научна геолошка агенција покажуваат дека глобалното производство на цемент е одговорно за повеќе од 4 милијарди килограми емисии на јаглероден диоксид само во 2017 година.

beton

Но канадски стартап создаде нов систем за изработка на бетон што ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид засекогаш и истовремено ќе ја намали потребата за цемент. Системот се нарекува „Карбон Кјур“ и го вшприцува заробениот јаглероден диоксид во бетонот при мешањето. Кога бетонот ќе стане цврст, овој јаглерод се одделува засекогаш. Дури и ако зградата е срушена, јаглеродот останува на своето место. Тоа е така затоа што за време на реакцијата со бетонот станува минерал.

- Најдоброто нешто во врска со овој минерал е тоа што ја подобрува цврстината на бетон. Јаглеродниот диоксид всушност помага во зајакнувањето на бетонот, па неговите производители и понатаму можат да продолжат да произведуваат силен бетон, но не мора во тој процес да користат толку многу цемент - вели Кристи Гембл, директор за системот на одржливоста во „Карбон Кјур“.

Токму намалувањето на количината на цемент е клучно за намалувањето на штетните гасови.

Системот „Карбон Кјур“ од 2016 година го користи производителот на бетон од Атланта, „Томас Конкрит“. Велат дека овој систем им помогнал за намалување на емисиите на јаглероден диоксид. Техничкиот менаџер Џастин Лазенбој нагласува дека патот кон позелена технологија е долгорочна одлука што индустријата на бетон целосно треба да ја прифати.

- Индустријата отсекогаш се обидувала да ги реши денешните тековни проблеми со вчерашната технологија што всушност не функционира - нагласува Лазенбој.

Компанијата „Томас Конкрит“ го користи овој систем и нагласува дека трошоците се изедначуваат со заштеда поради користење помалку цемент.

- Ова движење што сега го водиме покажува дека е можно СО2 да се претвори во нешто што има финансиска смисла. Овој концепт на корисна повторна употреба ќе се развие во индустрија вредна милијарда долари до 2030 година - нагласува Гембл.

Пример за ваков зелен бетон има во една од најубавите населби во Атланта. Треба да се отвори во 2019 година и тогаш ќе стане најголемата структура некогаш изградена со бетон „Карбон Кјур“. Оваа голема деловна зграда со 360.000 квадратни метри ќе го заштеди истиот износ на емисии на СО2 во воздухот.

Иако зградата е добар чекор кон вистинската насока, концептот на „Карбон Кјур“ е далеку од широката употреба. Моментално овој концепт го користат само 90 фабрики за бетон во Америка и во Канада, што е мал дел.

„Карбон Кјур“ не е единствената компанија што работи на развој на еколошки прифатлив бетон, но е една од првите на пазарот. „Карбикрит“ и „Карбон Апсајклинг“ се уште две стартап-компании што работат на развој на одржливи решенија за бетон.

Дури и мала промена од 5 отсто од намалување на емисиите на јаглерод може да биде голема промена во функционирањето на индустријата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура