Покрај брегот во Северна Каролина се појави нов остров. Островот Шели, како што го нарекува локалното население, е резултат од промените во плимата и осеката на Атлантскиот Океан.
Осторвот Шели е во процес на формирање уште од месец април. Како што пренесува „
Хафингтон пост“, најпрво се појавило мало ритче од песок кое подоцна израснало во остров, претворајќи се во најнова туристичка атракција во Северна Каролина.
„Ова е динамична област заради голфската и лабрадорската струја“, вели Марк Додл, заменик на надзорникот за брегот Кејп Хатерас, кој го надгледува островот.
„Големата песочна карпа се формираше на врвот на Кејп Поинт така што практично се оформи нов остров. Тој би можел и натаму да расте, но може и потполно да исчезне. Никогаш не се знае“, додава тој.
Дејв Халак, шефот на Националниот центар за острови во Америка вели дека ова чудо на природата не е последица од промената на климата, туку од бурите, плимата и осеката. Тој исто така истакнува дека не е невообичаено островот да се појави во текот на сезоната, а следната да исчезне.
На посетителите им е забрането пливање во близината на новиот остров.
Без оглед колку ќе трае, локалното население и туристите се воодушевени и во голем број доаѓаат да го посетат Шели.