X
 13.07.2017 Технологија

„Мајкрософт“ има истовремено луд и генијален план


Пречки во програмата
(Фото: Youtube Screenshot)

Во вторникот „Мајкрософт“ го претстави својот план како да обезбеди брз интернет во руралните подрачја на Америка. Ќе користи технологија која, повеќе или помалку, им е достапна на сите. Планот на „Мајкрософт“, кој ќе чини околу 10 милијарди долари, е во рамките на планот на администрацијата на Трамп за економски развој на руралните делови. Овој проект би требало да се финансира од корпоративни и државни вложувања, а ќе се базира на неискористените ТВ-фреквенции (white space).

На тој начин, интернет-сообраќајот би требало да се одвива преку тие фреквенции, но „Мајкрософт“ тврди дека на овој начин 23,4 милиони луѓе ќе добијат брз пристап на интернет. Во првата фаза „Мајкрософт“ тврди дека ќе покрене програма која би требало да ја поттикне соработката со интернет-операторите. До 2022 година планира да поврзе 2 милиона корисници на системот, вели Бред Смит, претседател на „Мајкрософт“.

Смит ги поттурнува компаниите и владата во истиот период да овозможат пристап и на остатокот од земјата, што на крај би резултирало во гореспоменатите 10 милијарди долари. Тој тврди дека не е поентата да се обезбеди пристап до брз и квалитетен интернет заради забава или стримови за филмови, туку најмногу заради едукација, земјоделство, стопански активности и здравство. Брзиот интернет сè повеќе станува една од неопходностите за модерниот живот. Предлогот на „Мајкрософт“ се повикува на петгодишна програма која бара еднакво инвестирање и од државниот и од приватниот сектор за да се постигне целта.

Колку убаво и да звучи, иницијативата Rural Airband на „Мајкрософт“ има неколку препреки пред себе. Се разбира, најголема е изградбата на инфраструктура. Иако се користат фреквенциите за ТВ, за поврзување на интернет треба посебен хардвер. Прво треба да се направат предаватели со white-space антени, а потоа да се реши и нивното напојување. Соларната енергија засега се чини дека е најдобра опција. Корисниците на интернет ќе треба да имаат посебен рисивер, кој потоа ќе нуди пристап до интернет, слично како и Wi-Fi уредите.

Меѓутоа, „Мајкрософт“ е богата компанија. На презентацијата не откри колку ќе чини ваквиот систем, но се претпоставува дека иницијално би требало да го покрие трошокот за изградба на базни станици. Во првиот бран, корисниците за своите куќни рисивери ќе треба да издвојат околу 1.000 долари, но од „Мајкрософт“ велат дека следната година цената ќе им падне на 200 долари. Со оглед на тоа дека се работи за рурални подрачја на Америка, тоа со сигурност нема да им изгледа како мал износ.

Но најважно е дека се работи за технолошки напредок и обезбедување интернет-пристап во сите подрачја. Веќе неколку години се шпекулира дека white-space може да се искористи за интернет, но „Мајкрософт“ е првиот поголем играч што се впушта во таа технологија. Другите поголеми компании имаат иста цел, но користат поинаква технологија. На пример, „Фејсбук“ користи дронови кои нудат интернет по ласерски пат, а „Гугл“ има своја флота од балони. Илон Маск малку доцни, па неговите сателити сè уште се во фаза на теорија.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија