Првата жена што е одговорна за програмата за вселенски летови на НАСА ќе ја надгледува првата мисија на Месечината на која ќе слета жена, а таа очекува „навистина големи работи“ што допрва ќе доаѓаат од следната генерација млади жени во вселената.
Кети Лудерс, која досега ја водеше Програмата за комерцијален екипаж на НАСА, ќе го преземе кормилото на сите придружни активности во вселенскиот брод во НАСА како вонреден администратор на Дирекцијата за мисија на човекови истражувања и операции на агенцијата. Промоцијата, која НАСА ја објави на 12 јуни, дојде по околу две недели откако Даг Ловерро поднесе оставка од позицијата.
- Кога Џим ме праша дали ќе ја преземам оваа улога, не ни помислив дека ќе бидам прва - вели Лудерс.
- Повеќе бев обземена од потенцијалните задачи пред мене - додава таа.
Лудерс вели дека токму нејзиниот сопруг ѝ посочил дека досега ниту една жена не ја водела оваа работа.
- Ова ме натера да застанам и да размислам за сите други „први ситуации“ што се случиле, а ми го отворија патот мене - вели Лудерс.
На телеконференцијата во четвртокот Џим Брајденштајн, директорот на НАСА, официјално ја претстави новата шефица на агенцијата за човечки вселенски летови и ја утврди работата што ѝ претстои на Лудерс, а и на нејзиниот тим.
Фото: Kim Shiflett/NASA
- Имаме голема агенда, да се вратиме на
Месечината до 2024 година со наредниот маж и првата жена. Навистина верувам дека Кети Лудерс е личноста што треба да ја водиме за да ги постигнеме овие исходи - изјави Брајденштајн.
Како менаџер на програмата за комерцијален екипаж на НАСА, Лудерс ја надгледувала мисијата „Спејс Екс кру драгон демо-2“ што ги лансира астронаутите Боб Бенкен и Даг Харли на Меѓународната вселенска станица минатиот месец. Претходно таа била менаџер за интеграција во транспортот на програмата за Меѓународната вселенска станица, надгледувајќи ги мисиите за карго-снабдување. Нејзината кариера во НАСА почнала во 1992 година, кога станала втората жена што некогаш работела во погонска лабораторија во фабриката за тестирање на НАСА во Ново Мексико.
- Она што беше неверојатно за мене во последните неколку дена се сите твитови, снапчет-постови, инстаграм-постови, сите коментари од девојките. Тоа ми помогна да ја сфатам мојата моќ и што тоа значи за нив. Тие се гледаат себеси во мене. Почестена сум од тоа и очекувам навистина големи работи од нив - вели Лудерс.
Иако се чини дека Лудерс е среќна што е инспирација за младите жени кои сакаат кариера во вселената, посочува дека жените не се единствените што не се доволно застапени во вселенската индустрија.
- Сите групи луѓе треба да се таму - вели таа.
Извор:
Space.com