X
 05.11.2019 Живот

„Мајкрософт“ во Јапонија експериментирал со четиридневна работна недела - резултатите се неверојатни

Јапонија е позната по својата работна култура и посветеноста на работа. Во некои компании неделно се работи и повеќе од 80 часа, а дел од работниците не се љубители на годишниот одмор. Во Јапонија е познат и терминот „кароши“ што се однесува на ненадејната смрт што настанала поради исцрпеност од работата. Најчесто станува збор за срцеви и мозочни удари, а понекогаш и за самоубиства на луѓе што не можат да го издржат стресот и притисокот на работното место.

Затоа „Мајкрософт“ во Јапонија во август спровел тест за да дознае како скратената работна недела ќе се одрази врз вработените, но и врз ефективноста на работното место. 2.300 вработени уживале во продолжениот викенд во текот на целиот месец, без намалување на платата и без скратени денови од годишниот одмор.

japonija
Фото: Getty Images


Освен тоа, „Мајкрософт“ во Јапонија планира и да ги субвенционира семејните одмори на вработените и да им овозможи дополнително образование.

Резултатите од експериментот се неверојатни - скратената работна недела ја зголемила продуктивноста за 40 отсто благодарение на пократките и поефикасни состаноци. Вработените биле воодушевени од ваквиот начин на работа, а 92 отсто од нив ја пофалиле идејата за четиридневна работна недела и продолжен викенд зашто им помогнала во воспоставување подобра рамнотежа помеѓу работата и животот, барем во текот на тој месец.

- Работете кратко време, одморете се и учете многу. Неопходно е да имате средина што ќе ви овозможи да ја почувствувате вашата цел во животот и да имате поголемо влијание на работа. Сакам вработените да размислуваат и да искусат како би можеле да ги постигнат истите резултати со 20 отсто помалку работно време - изјави извршниот директор на „Мајкрософт“ во Јапонија, Такуја Хирано.

Ова не е првпат да се покаже дека пократкото работно време има позитивен ефект врз среќата и продуктивноста. Новозеландската фирма „Препечуал гардијан“ одлучила да воведе 2-дневна работна недела во 2018 година, на која ѝ претходел 2-месечен експеримент во кој се покажало дека продуктивноста на работниците се зголемила за 20 отсто.

Вработените во компанијата пријавиле значително подобрување во рамнотежата помеѓу работата и животот.

„Мајкрософт“ во Јапонија наводно планира да го повтори експериментот наредното лето, а можеби и да го прошири.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот