Министерството за образование и наука почнува постапка за носење нов закон за високо образование. Веќе е формирана работната група која го одржа првиот состанок.
Министерката за образование и наука Рената Дескоска-Треневска изјави дека целта е да се направи нов закон којшто ќе ги опфати сите аспекти од статусот и организацијата на универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот на управување на факултетите, статусот на наставниците, начинот на кој студентите ќе се организираат во рамки на универзитетот, процесот на нострификација на дипломите....
- Целта е да направиме нов закон за високо образование бидејќи постојниот е премногу менуван и е нечитлив, нејасен и конфузен. Во моментот правни експерти дури имаат проблем да лоцираат која одредба кога стапува во сила со оглед на тоа што претходната влада носеше законски измени на овој закон кои не беа обмислени и постојано ставаше нови измени со кои ги одложуваше измените - истакна министерката Дескоска-Треневска.
Таа додаде дека нема да се брза со носење на законот, туку предност ќе се даде на квалитетна дебата со која ќе се дојде до најсоодветните решенија.
- Периодот ќе биде малку незгоден поради локалните избори кога парламентот не работи. За мене ќе биде оптимално ако успееме да го донесеме законот до крајот на годината. Тоа би било идеална ситуација - рече министерката.
Од Професорскиот пленум сметаат дека одржувањето на денешната средба ја покажува волјата на Министерството да се сменат работите во високото образование во позитивна насока.
- Професорскиот пленум ги застапуваше ставовите за фактичка автономија на универзитетот, а не само декларативна. Освен тоа, постојат и низа прашања коишто треба да бидат разгледани од припадноста на нашиот систем за високо образование во европскиот простор за високо образование, нивната компатибилност, потоа аспектите кои се поврзани со начинот на студентското огранизирање и нивно партиципирање во процесите на управување со универзитетите... - изјави професор Влатко Коробар.
Од Студентскиот пленум за почеток најавуваат дека ќе бараат студентските тела да бидат дел од универзитетите, а не да функционираат како невладини организации.
- Во овој момент ќе бараме СПУКМ и другите студентски тела во состав на универзитетите да бидат дел од универзитетите, а не невладини организации. Тоа е првото нешто што сакаме да го предложиме на оваа прва сердба - рече Теодора Столевска од Студентскиот пленум.
На денешната средба беа поканети претставници од повеќе универзитети, како и од синдикатите од областа на образованието.