X
 16.07.2017 Наука

Математичарскиот гениј Марјам Мирзакани почина на 40 годишна возраст

Смрта на Мирзакани ја објавил поранешниот директор на „Solar Systems Exploration“ во НАСА и нејзин пријател, на „Инстаграм“. 

фото извор: sbs.com.au

„Едно светло беше исклучено денеска. Ми се скрши срцето, замина премногу рано. Гениј? Да. Но, исто така и ќерка, мајка и сопруга“, напишал Фироуз Надери. Мирзакани, професор на универзитетот „Стендфорд“, починала по битката која ја водеше со канцерот 4 години. Во 2014 година таа го освои Филдс Медалот, награда еквивалентна на Нобеловата во областа на математиката. Со наградата беа признаени нејзините придонеси во геометријата и динамичките системи, особено во разбирањето на симетријата на криви површини како на пример сферите.

Родена во 1977 година, таа растела во Техеран. Нејзиниот прв сон бил да биде писател, но во средно училиште го открила талентот и љубовта кон решавањето математички проблеми. Станала професор на „Стендфорд“ во 2008 година. Позади себе го остави својот сопруг, математичарот Јан Вондрак и ќерката Анахита.

Претседателот на Иран Хасан Рухани, истакнал дека смртта на Мирзакани претставува голема тага за земјата. Сепак, нејзиното влијание е огромно, а та претставува инспирација за сите млади лица, посебно жените, да веруваат во себе и да постигнат успеси во науката.

Мирзакани станала позната уште додека била средношколка, кога освојувала златни медали на Интернационалните математички Олимпијади. Студирала математика на универзитетот „Шариф“ во Иран, а доктор по математички науки станала на „Харвард“ во 2004. Соработувала и со Алекс Ескин, математичар од универзитетот во Чикаго, за решавање на траекторијата на топката за билјард околу полигонална маса. Заедно објавиле научен труд од 200 страници.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука