X
 02.04.2019 Наша тема

Како да го положите матурскиот тест по математика. Совети од професорката Фросина Митрушева

Би препорачала, дури и на ученици кои поради високите оценки мислат дека добро знаат, што поскоро да се проверат себеси и да почнат со повторувањето на материјалот. Двата месеца што се останати до испитот се сосема доволни да се повтори материјалот од матурската испитна програма, па и да се пополнат празнините во знаењето


Подготовките за државната матура, која ќе се полага во јуни, може да бидат исклучително стресни за секој ученик. Особено за оние што се под притисок за петки поради уписот на саканиот факултет.
Професорката Фросина Митрушева, која предава математика во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, за Факултети.мк подготви совети за матурантите како да го положат и да остварат подобри резултати на тестот.
Таа објаснува дека односот кон полагањето на матурските испити кај учениците е различен. Исто како што е различен и односот кон учењето во текот на годините школување. Некои го чекаат последниот месец пред полагањето за да се подготвуваат за испитите. Но, голем дел од учениците веќе во второто полугодие почнуваат да ги чувствуваат стравот и стресот од испитите што ги чекаат во јуни.



- Најмногу им помага охрабрувањето и градењето на самодовербата. Оние што ќе го прифатат испитот како обична проверка на знаењето кое во континуитет го граделе низ годините на школување ќе бидат растоварени од стресот и најдобро ќе поминат. Добредојдена е и помошта при изборот на предмети што ги полагаат иако кај нас тоа не е вообичаена практика. Ако учениците изберат за полагање предмети што ги сакале и ги учеле добро, ќе се намали и стресот од полагањето. Се разбира, предметните професори се спремни и за помош во повторување и доразјаснување на материјалот при подготовката на испитите. Во моето училиште уште од октомври предметните професори по математика работат еднаш неделно со учениците што се заинтересирани и го повторуваат материјалот од испитната програма, а работењето го интензивираат и работат со учениците секојдневно во деновите пред испитите - вели Митрушева.

Почнете со самопроверка, откријте ги слабостите

Не постои магично стапче со кое знаењето ќе влезе в глава. Но, секако дека има трикови кои може да им помогнат на матурантите. Професорката вели дека најважно за подготовката на испитот е самопроверката на знаењето. Според неа, многу од учениците не се запознаени со матурската испитна програма, па мислат дека испитот по математика е нешто многу страшно.
- Би им препорачала добро да ја разгледаат матурската испитна програма, во која се наведени областите, темите и барањата на испитот. Ќе се уверат дека за просечен ученик, со просечни знаења, испитот не би требало да претставува никаква тешкотија. Програмата можат да ја најдат на интернет, на страницата matura.gov.mk. Таму може да ги најдат и тестовите од полагањата матура од претходните години. Би им препорачала за почеток да го тестираат своето знаење со решавање на тие тестови. На тој начин ќе можат да ги откријат своите слабости и евентуални пропусти на кои можат да работат во наредниот период, до испитот. Дури и материјалот од претходните години, кој тогаш им се чинел тежок, на оваа возраст ќе може да го совладаат полесно и побрзо. Се разбира, ако имаат желба за тоа - вели Митрушева.


Фросина Митрушева

Ја прашуваме професорката дали има надеж за оние што учат кампањски, па очекуваат да се случи чудо и да научат за кратко време?
- Секако. Надеж секогаш има. Јас не верувам во чуда, но се случуваат. Некои ученици се надеваат дека ќе успеат нешто да препишат, нешто точно ќе заокружат на среќа и дека ќе го положат така испитот. Можно е, не велам не. Јас повеќе верувам во знаење отколку во чуда, па би им препорачала да седнат и да се обидат да ги научат основните барања од испитната програма. Тоа е посигурниот начин за положување. Сигурна сум дека и „кампањците“ имаат доволно време до испитот за да ги совладаат основните работи што се учат во прва и втора година и на тој начин да си го обезбедат положувањето на испитот, кој сепак е на основно ниво.

Петката по математика не ви гарантира положување на матура

Времето потребно за подготовка за тестот по математика е индивидуално. За учениците што се добри математичари, според Митрушева, и кои добро го совладале предметот низ годините на изучување, за подготовката се доволни и неколку дена. Доволно за да се потсетат на некоја подзаборавена формула.
- За жал, искуството ми покажува дека последниве години нешто не е во ред со начинот на работење математика во училиштата. Децата учат од тест за тест. Целта им се оценките наместо знаењето. Таквото брзо стекнато „знаење“ бргу се заборава. Затоа, би препорачала, дури и на ученици што поради високите оценки мислат дека добро знаат, што поскоро да се проверат себеси и да почнат со повторувањето на материјалот. Двата месеца што се останати до испитот се сосема доволни да се повтори материјалот од матурската испитна програма, па и да се пополнат празнините во знаењето.



Практиката од претходните години покажува дека голем дел од матурантите избегнуваат да го изберат предметот математика. Повеќето одат на полагање странски јазик, а ова го прават дури и оние што подоцна се запишуваат на технички науки. Зошто постои страв од математиката?
- Има повеќе причини поради кои се случува ова. Едната е таа што повеќето деца секогаш го избираат полесниот пат, ако тоа им се дозволи. Овие генерации се деца што растат со англискиот јазик. Од најрана возраст го учат преку филмови, музика, компјутерски игри, па формалното учење на јазикот во училиште им е олеснето. Повеќето мислат дека го знаат јазикот доволно добро за воопшто да не им треба подготовка за матурскиот испит по англиски јазик - објаснува професорката.

Проблем се намалениот фонд на часови по математика

Од друга страна, математиката секогаш важела за еден од потешките предмети. Митрушева вели дека изучувањето на математиката бара континуитет во учењето.
- Токму во овој период, откако е воведено полагањето државна матура, изучувањето на математиката се стави на маргините на образованието. Часовите по математика во гимназиите се намалија од пет или четири часа на три часа неделно, а програмата остана иста. На тој начин се намалија часовите за вежби и се отежна уште повеќе нејзиното совладување. Во средните стручни училишта ситуацијата е уште поочајна. Предметот се учи со два или три часа неделно, а во некои од тие училишта се изучува само во првите две години, што е навистина недоволно за добивање „матурски“ знаења.

- Односот на техничките факултети кон матурскиот испит по математика исто така е фактор што влијае врз изборот за матура. Мене лично ми е несфатливо на кој било од техничките факултети, факултети чии програми се базираат на математика, да се дозволи упис на студент кој не го полагал и екстерниот испит по математика на матура. На тој начин факултетите си прават лоша услуга, примајќи студенти што не се доволно спремни за студирање на технички факултет, а им прават лоша услуга и на учениците, кои мислат дека математика и не е толку битна, па таа своја заблуда ја плаќаат подоцна кога ќе сфатат дека непознавањето на математиката им го отежнува, па дури и оневозможува студирањето на тоа што го избрале - објаснува Митрушева.

Според неа, матурата поставена на овој начин сѐ повеќе станува бесмислена.
- Прво, поради тоа што факултетите со неа не прават вистинска селекција на следните студенти, а тоа беше причината за нејзиното воведување. Меѓутоа, матурата е последното нешто со кое завршува цел процес на образование, кој со години дава лоши резултати. Наместо размислување за менување на крајот, треба да се почне со менување на почетокот. Во средното образование се неопходни итни целосни реформи, а не само делумни промени. Кога ќе се осмисли вистинска реформа на целиот образовен процес, ќе биде полесно да се најде и начинот како треба тој да заврши.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема