X
 30.06.2019 Живот

Приказна од 1978 најавила што ќе се случи по смртта на Тито

Во декември 1978 година печатеното издание на „Њујорк тајмс“ објавило статија чија тематика била односот на Србите и Хрватите во САД, за кои пишува дека веќе илјада години ги дели политички, верски и културен антагонизам.

Чикаго, 7 декември 1978 година

Двајца Хрвати биле осудени за преземање на конзулатот во Западна Германија. Шест Срби биле обвинети за планирање на убиството на Маршал Тито при неговата посета на Вашингтон во март. Десетина деловни луѓе од Чикаго со хрватско потекло се пожалиле дека националистичката група им се заканувала за да им изнуди пари.

Додека сојузните агенти и локалната полиција интензивно работат на истражување на најновите балкански интриги во Чикаго, Њујорк и Западниот Брег, случувањата зад себе оставаат траги во вид на мешање на националната гордост, непријатности и одредена доза на страв во овдешните заедници на Хрвати и Срби, од кои секоја има по околу 100.000 члена.

Меѓу Србите и Хрватите, расфрлани по работничките класи и населбите на средната класа во Чикаго (Илиноис) и на северозападот на Индијана, и денес постои политички, верски и културен антагонизам што ги дели веќе илјада години. Но, повеќето од нив се обединети во омразата кон југословенската комунистичка власт во нивната татковина.

Во скриена просторија на римокатоличката црква „Св. Јероним“ во Бриџпорт, тројца членови на Националниот совет на Хрватска, од кои еден свештеник, се обидуваат да ја објаснат страста што и денес ја имаат многу луѓе, кои по Втората светска војна се преселиле тука, а која не била својствена за оние што претходно доаѓале.

- Тито е единствен вистински Југословен - вели свештеникот Славко Солдо, 30-годишен поранешен жител на Сараево, смеејќи се на старата шега.

- Србите не ја сакаат Југославија, Хрватите не ја сакаат, Македонците не ја сакаат - дофрла Владо Мисетиќ, копродуцент на радиопрограмата „Слободна Хрватска“.

- Кога Тито ќе замине, никој нема да има власт - додава тој, изразувајќи трошка надеж што на соништата за независна Хрватска им даваат значење.

Како и другите, Националниот совет на Хрватска, меѓународна организација што тврди дека има 15.000 члена само во Америка, е уверен дека кога 80-годишниот Маршал Тито ќе умре, нееднаквите и спорните националности во шесте југословенски републики ќе бидат вовлечени во меѓусебни конфликти бидејќи нема да можат да управуваат со државата, па со самото тоа единственото решение ќе биде нејзина поделба на етничката целина.

Во меѓувреме, тие ветија дека ќе направат сè што е можно за да го зачуваат националистичкиот дух на Хрватска. Но, негираат постоење на какво било воено крило на нивната организација, како палестинската ослободителна организација и ирската републиканска армија.

Но, познато е дека сојузните и локалните истражувачи се сериозно загрижени за заканата со насилство на која е изложена секоја од овие две етнички групи, при што и едната и другата се смета дека се непредвидливи.

- Не знам дали сигурно имаат вооружено крило како што се ПЛО и ИРА“ - вели извор близок на истрагата на двете групи.

- Но, што го прави вооруженото крило? Можеби не е секогаш состојбата на готовност како маринците, но секогаш можат да се најдат волонтери. Не постои начин да се дознае нивниот конкретен број, но во секоја националистичка организација како оваа постојат тврдокорни борци - додава изворот. Зборувајќи за Хрватите и Србите уапсени во последните случаи, тој рече дека овие луѓе се херои во нивните заедници.

На западната страна на градот, во населба каде што доминираат неодамна пристигнати имигранти од земјите од шпанско говорно подрачје, салата на Националниот совет за одбрана на Србија изгледа како да заталкала тука.

- Ова е опасно место - вели Род Благојевиќ додека ги очекува посетителите на тешките железни врати пред главниот влез.

Една година претходно тука биле убиени еден уредник на српски неделник и неговата 9-годишна ќерка. Биле избодени неколку пати со ножици или нешто слично. Србите ги обвинуваат агентите на југословенската влада, но извор близок на истрагата вели дека убиствата не се професионално изведени и дека за нив се одговорни личните непријатели на уредникот Драгиша Кашиковиќ.

Благојевиќ, секретар на Националниот совет, вели дека неговата група исто така го осудила насилството и дека лобира за интересите на Србија. Иако признава дека Србите ретко имаат работа со Хрватите, се согласува со нив за едно нешто.

- Ние сме сто отсто против режимот во Југославија.

Што се однесува до наводниот заговор за убиство на Тито, бомбата што експлодирала во домот на југословенскиот конзул во предградието и планот за бомбашки напад на југословенскиот клуб кон крајот на годината, за кој биле обвинети шест Срби, вели: - Немаме никаква врска со нив. Немаме ништо со нив и не веруваме во тоа.

Во 1967 година серија бомбашки напади на југословенските конзулати во САД и во Канада главно им биле припишувани на српските националисти. ФБИ спроведе истрага, но единствената личност што досега беше уапсена во врска со случајот беше починатиот Кашиковиќ, кој со месеци беше зад решетки бидејќи одбиваше да одговори на прашањата на истражувачот.

По најновите апсења и обвиненија, ФБИ е уверено дека спаси стотици животи или повреда на стотици луѓе кои се наоѓале во југословенскиот клуб на 29 ноември.

- Во српската заедница нема посебни симпатии за овие шест луѓе - вели адвокатот со српско потекло, кој сакаше да остане анонимен.

Од друга страна, Миле Коџоман од Чикаго и Божо Келава од Сан Матео во Калифорнија очигледно уживаат поддршка од локалната хрватска заедница. Тие со часови држеле осум заложници во конзулатот во Западна Германија на 17 август, во обид да спречат екстрадиција на Стјепан Биланџиќ, кој тогаш се наоѓа во егзил во Западна Германија. Се предале откако добиле уверение дека на Биланџиќ не му се заканува екстрадиција, па ги пуштиле заложниците неповредени.

Поротата, очигледно убедена дека тоа го направиле од оправдани причини, ги осудила за „држење странски претставници во заложништво“, но беа ослободени од посериозни обвиненија за киднапирање и заговор.

- Повеќето Хрвати би го осудиле секој чин на насилство, но горди сме на резултатите - вели Силвие Грубишиќ, свештеник во црквата „Св. Антун“.

По повод очигледните закани за изнудување, полицискиот командант Вилијам Марфи рече дека 13 Американци со хрватско потекло добиле слични писма. Единствената разлика била во износот на бараните пари. Тој рече дека писмата се испратени од адреса во Западна Германија и дека во нив се бара да бидат испратени меѓу 3 и 5 илјади долари на адреса во Парагвај.

Даниел Николиќ, кој примил вакво писмо, а во чија компанија била подметната бомбата, ги обвинил југословенските агенти за испраќање на писмата во обид да се дискредитираат хрватските националисти.

- Можете да бидете сигурни дека Хрватите не ги испратиле тие писма, и јас гарантирам дека Хрватите не ја подметнале бомбата - вели Николиќ.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот