X
 19.07.2017 Технологија

Естонија отвора „електронска амбасада“


Компјутерски сервери
(Фото: N1)

Естонија следната година во Луксембург ќе ја отвори својата „електронска амбасада“ – резервна „банка“ на своите податоци.

Тоа всушност ќе биде добро обезбедена сала со сервери со важни информации за Естонија, кои ќе бидат достапни ако и кога нејзиниот домашен компјутерски систем ќе откаже. Во таа „банка“ ќе се наоѓаат државните податоци и податоците за компаниите, банките, пензиите, законите, пописите на населението, финансиите.

Премиерот Јури Ратас неодамна изјави дека сигурноста на податоците и сајбер-безбедноста се од клучно значење за стекнување на довербата на граѓаните и добро функционирање на службите.

Тој и премиерот на Луксембург, Гзавије Бетел, минатиот месец потпишаа договор за отворање магацин за електронски податоци на Естонија.

Тоа ќе биде прва „амбасада на податоци“, истакна премиерот на Естонија, земја со само 1,3 милион жители, која поради силната волја да применува најнови достигнувања се истакнува во ЕУ, па затоа и ја нарекуваат „Е-стонија“.

Повеќето нејзини државни услуги се достапни на порталите на интернет, а електронското гласање на изборите, исто така со помош на интернет, е воведено во 2005 година.

Во Естонија е центарот на НАТО за електронска безбедност во кој западноевропските и северноамериканските експерти работат на сајбер-безбедноста за сите 29 земји членки на алијансата.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија