X
 21.01.2020 Образование

Реформите во образованието на Естонците им донеле зголемување на работните вештини за 15 отсто

Учениците од Естонија со години остваруваат завидни резултати на ПИСА тестирањата, со кои се испитува способноста за примена на наученото знаење во секојдневниот живот.

Судејќи по последното истражување за квалификуваноста на возрасните во таа земја, реформите на образовниот систем во таа земја дале добри резултати.

Во студијата насловена „Образовни реформи и вештини на возрасните: случај Естонија“, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), меѓународната организација која ги спроведува и ПИСА тестирањата, заклучува дека реформите имале значително влијание, како на квалификуваноста и вработувањето, така и на продуктивноста.

Работните вештини на оние кои го поминале реформираниот образовен систем биле за 15 отсто повисоки од оние кои не ги поминале, а примањата им биле поголеми за 6 отсто.

Естонија спроведе сеопфатна реформа на средното и високото образование од 1992 до 1998 година, а таа опфаќаше училишта од естонското говорно подрачје, додека во училиштата од руското говорно подрачје (27 отсто) била спроведена подоцна и била помалку амбициозна.

Вклучувала промена на курикулумот, обука на наставниците, децентрализација, значајна автономија за наставниците, инспекција на училиштата, процена на наставниците од страна на учениците...

Платите на наставниците се зголемени над просекот на националната плата.

Вториот бран реформи на повисокото образование, насочен кон финансиите и курикулумот, дојде во 2013 година.

Од ОЕЦД се обиделе да утврдат што донела таа реформа 10 до 20 години по спроведувањето преку тестирање на 800 Естонци во Програмата за проценка на компетенциите на возрасните, од кои 27 отсто биле од руското говорно подрачје.

Биле тестирани оние кои го завршиле школувањето пред и по 1992 година, кога почнала реформата, а предвид биле земени и разликите во динамиката меѓу естонското и руското говорно подрачје, но и варијаблите како образованието на родителите, миграцискиот статус и индустриите во кои моментално се вработени.

Како една од главните причини за успехот на образовните реформи во Естонија се сметаат наставниците кои имаат голема слобода во смислување на наставата. Според последниот мониторинг на образовнание на Европската комисија, Естонија е една од ретките земји кои имаат долгорочна стратегија за поттикнување на позитивен имиџ на наставникот во општеството, а истата е започната во 2014 година со поддршка од европските фондови. Наставниците сметаат дека нивната улога во општеството е значајна.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование