X
 04.03.2020 Живот

Јавниот превоз и Луксембург - бесплатно возење, но по која цена?

По повеќемесечно кревање голема прашина, во Луксембург конечно почна бесплатниот јавен превоз. Во една од најмалите земји во Европа, со 614.000 жители, автобусите, трамваите и возовите сега се бесплатни.

Една од целите е да се намали метежот во сообраќајот, но критичарите ова го гледаат само како пиар-финта.

- Владата сака Луксембург да стане лабораторија за мобилност - изјави министерот Франсоа Бауш, кој го истакна забрзаниот раст на бројот на жители со пораст од 40 отсто во последните 20 години.

Околу 200.000 работници, речиси половина од работната сила во Луксембург, патуваат од Белгија, Франција и Германија, привлечени од високите плати и богатата економија.

Маркус Хесе, професор по урбанистички студии на Универзитетот во Луксембург, вели дека сета организација е погрешно решение за еден сложен проблем. Едно од прашањата е дали бесплатниот превоз навистина ќе биде бесплатен.

Колку чини?


Патувањето со јавниот превоз е бесплатно и за жителите на Луксембург и за посетителите, освен за патување во прва класа во возовите.

Цената на проектот ќе изнесува 41 милион евра во изгубен приход од билетите, но тоа ќе го надоместат даночните обврзници.

- Секако, само затоа што го нарекувам бесплатен превоз, не значи дека никој не го плаќа - изјави Бауш.

Вкупните трошоци за водење на јавниот превоз изнесуваат повеќе од 500 милиони евра, така што губитокот во приходи од билетите владата го гледа како релативно мал.

Вработените во јавниот превоз нема да ја изгубат работата, само ќе поминуваат помалку време проверувајќи билети. Не дека билетите беа скапи пред 29 февруари. Еден билет чинеше 2 евра, а двапати повеќе за целодневно возење.

На многу работници во Луксембург државата им го субвенционира годишниот билет, така што мал број луѓе трошат пари за превоз.

prevoz
Фото: Pixabay

Зошто владата се одлучи на ваков чекор?

Владата има неколку причини:

- Таа зборува за социјалната мерка што повеќе по џеб ќе ги удри поголемите даночни обврзници отколку другите;

- Сака да ги отстрани автомобилите од патиштата - Луксембург има повеќе автомобили на 1.000 луѓе отколку која било друга земја во Европската Унија.

- Сака во рок од 5 години да има 20 отсто повеќе патници во јавниот превоз;

- Го насочува вниманието на жителите на еколошките проблеми на нивната земја;

- Сака да вложи во сообраќајната мрежа за да се избори со и онака големиот пораст на бројот на патниците.

Зошто многумина сметаат дека ова не е решение?


Луксембург има ужасен проблем со сообраќајот. На главните патишта автомобилите редовно заглавуваат, автобусите се старомодни, а железничката мрежа е позната по доцнењето.

Цената на дизелот и на бензинот е ниска, во споредба со нејзините соседи, така што не само што многу патници од соседните земји одат во Луксембург на работа, туку има и многу „бензински туристи“ кои ја преминуваат границата за да ги наполнат резервоарите.

Бесплатниот јавен превоз нема да го реши проблемот со автомобилите затоа што Луксембург има високи плати, а ниски цени за гориво, така што луѓето купуваат автомобил, вели професорот Хесе.

Многу од оние што патуваат од соседните земји живеат во области без пристоен јавен превоз, така што професорот смета дека тие и понатаму ќе возат автомобили.

Луксембуржаните што моментално возат велосипеди би можеле да слезат од нив за да уживаат во бесплатниот превоз. Професорот Хесе смета дека владата избрала сосема погрешен момент за овој потег.

Новата трамвајска мрежа се проширува, а парите се трошат на возови и автобуски систем, но тоа ќе потрае.

Дали ќе се подобри инфраструктурата во Луксембург?


Една од клучните цели е да се подобри јавниот превоз, со ветување од 4 милијарди евра. Владата проценува дека бројот на корисници на превозот ќе порасне за 20 отсто во наредните пет години, а проширувањето на трамвајската мрежа и автобуси ќе успее да се избори со тоа.

Луксембург троши повеќе економски прилив на сообраќај од повеќето други европски држави, со пријавени 600 евра годишно по личност.

Критичарите се жалат дека планот нема да го реши проблемот со недостиг на сместување, што принудува илјадници Луксембуржани да емигрираат надвор од границите на земјата, истовремено задржувајќи ја работата во земјата.

Кои други земји имаат бесплатен превоз?


Главниот град на Естонија, Талин, воведе бесплатен превоз во 2013 година, но само за жителите. Не го исклучи проширувањето на планот за другите, но не сака да потроши дополнителни 20 милиони евра, колку што би го чинело.

Градот Данкерк во Северна Франција, кој има 200.000 жители, исто така, воведе бесплатни патувања во 2018 година, што доведе до драматичен пораст на бројот на автобуски патници. Потегот постигнал голем успех, и поради тоа го привлече вниманието на париската градоначалничка Ен Хидалго. Во рамките на ветувањата за време на градоначалничката кампања таа сака да воведе бесплатен превоз за помлади од 18 години.

Таа веќе претходно ја покрена идејата за бесплатен превоз за сите парижани, но тоа на крај би излегло околу 500 евра по домаќинство, што се доживува како прескапо.

Извор: BBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот