Мирисот на смртта се ширеше низ Стариот град на Мосул кога Ајман Хашем се врати оваа недела за да види што се случи со неговиот дом. Неговото соседство беше непрепознатливо.
Фото: Associated Press
„Сè што остана се урнатини, додека телата на семејствата останаа заглавени под нив“, вели 23-годишниот Ајман. Тој врти низ фотографиите од неговиот телефон, покажува фотографија по фотографија. Неговата куќа е пресечена на половина. Тој мораше да го покрие носот со кошулата поради мирисот што го испуштаа мртвите тела.
Ирачките сили со поддршка од Америка долго време се бореа да го преземат Мосул од „Исламска држава“. Цената? Урнатини и многу човечки жртви. Борбата по речиси 9 месеци неодамна кулминира.
Речиси една третина од Стариот град - повеќе од 5.000 згради беа оштетени или уништени во последните три недели од бомбардирањето, според истражувањата на ОН. Низ градот, 10.000 згради беа оштетени во текот на војната, поголемиот дел од нив во западен Мосул, местото на најинтензивна артилерија, воздушни напади и борби. Анкетата ја опфатила само видливата штета од сателитските слики, што значи дека вистинскиот број веројатно е повисок.
Населението, кое некогаш броело 3 милиони, сега е раселено. Без брза кампања за обнова на Мосул, групите за помош предупредуваат дека сегашната хуманитарна криза ќе ја поткопа победата.
Кога во понеделникот ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади прогласи победа во Мосул, тој вети дека наскоро ќе започне реконструкција. Но неговата влада сè уште се бори да ги финансира секојдневните активности на државата поради ниските цени на нафтата.
Илјадници семејства од Мосул останаа без домови. Училиштата се срамнети со земја, комуналните мрежи се уништени.
Во источен
Мосул уништувањето беше помалку интензивно. Повеќе од 160.000 од 176.000 жители што избегаа од истокот се вратени. Жителите започнаа да ги градат домовите, продавниците повторно се отворени.
Но на запад, цели соседства се уништени. Таму нападите убија околу 5.805 цивили.
Во продолжение погледнете што остана од овој град.
Линк до галеријата.