Борбите во ирачкиот град Мосул продолжуваат, а илјадници цивили се заробени во стариот дел од градот што е под контрола на исламистите. Обединетите Нации предупредуваат дека тие за кратко време ќе бидат соочени со најлошата хуманитарна катастрофа од почетокот на конфликтот, јавува „Jerusalem Post“.
„Откако градот е под контрола на Исламската држава, населението е без вода и храна“, истакна Лиза Гранде, хуманитарна координаторка за Ирак при ОН, и додаде дека „би можела да се случи најстрашната хуманитарна катастрофа откако спротивставените страни се во војна“.
Мосул е најголемиот град во северен Ирак и е под контрола на исламските милитанти уште од средината на 2014. Владините сили на Ирак, со помош од американската војска ги ослободија повеќето градски квартови во последните шест месеци и половината од градот што лежи источно од реката Тигар.
Исламистите сега се опколени во северозападниот дел од градот, каде што се наоѓа и историското јадро на стариот град. Тие се обидуваат да го спечат натамошното напредување на владините сили користејќи нагазни мини, снајпери и минофрлачки оган.
Пред ова предупредување,
ОН јавија и дека милитантите ги користат цивилите како жив штит во бројните судири.