Сепаратистите од Донецк во источниот дел на Украина прогласуваат воспоставување на државата Малорусија, која, како што велат, ќе биде наследник на Украина.
Фото: Gettyimages
Лидерот на самопрогласената „Донецка Народна Република“, Александар Захарченко, изјавил дека се во тек подготовките на уставот на новата држава, кој подоцна ќе биде изнесен на гласање. Тој предложи тригодишен транзиционен период по основањето на новата независна држава Малорусија како решение за тригодишниот спор на истокот на Украина.
Захарченко ја повикал меѓународната заедница да го поддржи неговиот предлог.
Малорусија е прогласена како суверена држава и наследничка на Украина, со Донецк како главен град.
Александар Тимофејев, министер на „Донецката Народна Република“, изјавил дека новата држава ќе води политика за обновување на односите со Русија, поддржувајќи ја унијата на Русија и Белорусија, дека официјални јазици ќе бидат руски и малоруски, а регионалните јазици ќе ги задржат своите права и статуси.
Тој додал и дека државата ќе работи на обновување на активностите во рамките на Заедницата на независни држави и дека ќе покрене трилатерални разговори со ЕУ и Русија.
Конфликтите во регионите Донец и Луганск избија во април 2014 затоа што претседателот на Украина, Виктор Јануковиќ, беше соборен од власта. Жителите на регионот таа година изгласаа независност на референдум, а Киев започна воени операции против сепаратистите. Во конфликтите настрадаа повеќе од 10.000 луѓе. Во февруари 2015 е потпишан мировен договор, кој подразбира прекин на огнот, повлекување на оружјето и уставни реформи.