X
 21.07.2017 Култура

Како цензурата ја обликувала историјата на книжевноста


Спорни книги на денешнината
(Фото: Pixabay)

Од книгите, луѓето сакаат многу нешта, а вистината – барем додека е целосно свежа и нова – ретко кој. Дури и за некои од најголемите имиња во светската книжевност, тие претставувале камен на сопнување.

Најпрво било прифатено да се пишува само за платонска љубов, а потоа за среќен брачен живот. Скандалозно било да се споменува изневерување, особено ако виновникот бил жена. За она за што сите најмногу размислуваат, сексот, исто така предолго морало да се молчи.

Строгиот граѓански морал секогаш наоѓал начини на провокаторите да им каже дека не се пожелни во нивниот идеален свет на пристојност и примерно однесување.

Да се биде добар Американец, примерен Французин или Англичанец достоен за слава, значело да се прави разлика помеѓу она што се прави и она за што се зборува, помеѓу она за што се мечтае и она за што се пишува.

Цензурата како најдобра реклама

Светот со голема брзина се движел напред, а забраните што се прикачувале на кориците од книгите само придонеле за нивната популарност и неотповикливото влијание што го извршиле во креирањето слики за светот во кој живееме денес.

Прогласувањето за непожелна на книгата „Педесет нијанси сиво“ е исто што и платена реклама во најдобриот термин на најгледаната телевизија или на највидливиот билборд. Ако душегрижниците не се грижеа премногу, никој немаше да дознае за ова безвредно и петпарачко дело.

Од аспект на властодршците, на поданиците треба да им се дадат леб и игри. Леб барем во симболични дози секојдневно, игри повремено, а книги (според сечие искуство) – што поретко.

И не морате да ги спалувате, како што забележал писателот на „Фаренхајт 451“, Реј Бредбери. Доволно е да направите луѓето да престанат да читаат. На Запад бил забранет Маркс, во Советскиот Сојуз Библијата, во христијанскиот свет Толкин, „Игра во ’ржта“ и „Хари Потер“.

Најзабранувана тема – сексуалноста

Примерните бранители на граѓанскиот морал и буржоаскиот систем на вредности, во текот на последните векови најмногу се труделе да нѐ сочуваат од нас самите и од сите писатели кои човековата сексуалност ја сметале за доволно важен чинител поради што за тоа морало договорно да се молчи.

Малку по малку, некои од тие писатели ќе завршеле на судски процес, бранејќи се од обвинувањата дека го повредиле јавниот морал. Најчесто тужителите биле сопрузи што не сакале нивните жени да научат повеќе за својата сексуалност, од тоа што им го зборувале или им го покажувале тие на првата брачна ноќ. Се разбира, се плашеле од лошо влијание. 

Гистав Флобер

Таква била судбината на романот „Мадам Бовари“, најпознатото дело на Гистав Флобер, за кое авторот морал да се брани пред судот поради наводна повреда на јавниот морал и религијата. Обвинувањата биле сведени на една толку простодушна реченица која гласела: „Потоа, со еден потег ја исфрли сета своја облека“.

Несреќниот Флобер успеал да се одбрани со аргументите дека пораката од заокруженото дело е морална, бидејќи госпоѓата Бовари завршува несреќно, со самоубиство, во очај и безнадежност поради своите неостварени соништа, можности и несреќната љубов. Сепак, секој познавач на Флобер знае дека нему повеќе му било до правилно позиционирање на една обична запирка во реченицата отколку до праќање морални пораки. Самиот признал дека страдањата на Ема Бовари ги преживувал како лични и дека пролеал солзи пишувајќи го последното поглавје од романот.

Шарл Бодлер

Порокот му бил последно средство на Бодлер да не се претопи во масата на просечноста. Тој искрено верувал во опиеност.

И нему му се судело во 1857 година.

Јавниот обвинител, истиот оној што го прогнал Флобер, овој пат сакал успешно да го доврши процесот. Успеал. Бодлеровата поезија, Цвеќиња на злото, ја сметал за скандалозна, а личноста на поетот имала најголем удел во неславната репутација што ја уживал во малограѓанските кругови на послушните поданици на Второто царство.

Уживал опиум, апсинт и хашиш, а истовремено бил и денди и боем.

Својата неславна репутација ја стекнал пред да ја допре осетливата жица на буржоазијата во своите песни. Кога од Цвеќиња на злото биле исклучени 13 песни поради ширење неморал, и притоа Бодлер бил прогласен за виновен, Виктор Иго рекол дека тоа е ретко одликување на тогашниот режим, со што поетот може да се гордее.

Д. Х. Лоренс

И романот „Љубовникот на Лејди Четерли“ ужива слава на скандалозно дело поради слободниот приказ на љубов и сексуалност. Денешниот читател му приоѓа со големи очекувања во таа смисла, но после искуството кое со себе го однело времето на неговото настанување, во овој роман има многу малку скандалозни сегменти.

За да се почувствува катарзата на современиците, како и нивното згрозување, би морале да се вратиме во доцните дваесетти години од минатиот век и да го осетиме интензивниот притисок од пуританското јавно мислење кое се испречувало на патот на секој вид субверзија што доаѓала од таборот на заговорниците за ослободена сексуалност.

Романот настанал во 1928 година, а писателот на свој трошок го испечатил во Фиренца. Меѓутоа, на патот кон родната Англија наишол на оспорување, поради што првпат „дома“ бил испечатен, и тоа во целосна верзија, во 1960 година.

Иако Лоренс премногу слободно за тоа време ја опишува женската сексуалност, англиската буржоазија била најзгрозена од меѓукласните тензии што постојат во романот.

Романот на Лоренс доживеал огромна слава на американска почва во текот на шеесеттите години, во екот на сексуалната револуција, а за неизвалканото општество од тоа време сè уште претставувал скандал и книга која настрана од будните очи, патувала меѓу женските чанти.

Според некои извори, својот роман Лоренс го напишал врз основа на лично искуство. Имено, поради повреда здобиена во текот на војната, останал импотентен, а неговата сопруга имала многубројни љубовници.

Хенри Милер

Од друга страна, ножот на кој било дочекано делото на Хенри Милер бил повеќе од наострен и подготвен на дејствување. „Раковиот напоредник“, навидум несредена збирка со сексуалните авантури на авторот за време на престојот во Париз, била сè само не добредојдена на полиците на американските книжарници, сè до шеесеттите години, иако била испечатена 30 години порано. Додека „Раковиот напоредник“ бил во центарот на вниманието поради неговата скандалозна природа, Хенри Милер напишал еднакво смели и експлицитни романи.

Џејмс Џојс

Скандали, забрани и цензура не го заобиколиле ни најдобриот роман на дваесеттиот век – „Улис“.

Овој роман Џојс го пишувал десет години и како никој дотогаш успеал да го прикаже хаотичниот внатрешен свет на обичните луѓе. Станува збор за припадници на средната класа во Даблин, уловени од литерарниот објектив на уметникот во своите движења, разговори и размислувања во текот на еден обичен даблински ден.

Тие пијат пиво и пцујат, еден пролетен ден, поради што често помислуваат и на секс. Сепак, една алузија на мастурбација била капката што ја прелила чашата.

Романот бил јавно запален во Америка, Канада, Англија и Ирска, а неговиот увоз на американска територија бил казнив со закон од 1922 до 1933 година.

Хенри Милер со најголема почит запишал дека „Улис“ е гнасно дело, како и човековата душа. Во него луѓето се прикажани такви какви што се, а не како што себеси се замислуваат, а истите тие луѓе не го сакаат тоа. Затоа сакаат кич, ласкање и несериозност. Од уметноста бараат да биде пријатен украс на розово бојосаниот ѕид на секојдневјето. Во спротивно – не им треба. Сосема доволни им се непријатностите од вистинскиот живот.

Владимир Набоков

Педесет години подоцна, едно е сигурно – ако поради нешто луѓето биле бесни на писателот, тогаш тоа било поради себепрепознавањето во очајникот Х. Х. И тоа што забранетата сексуална авантура не изгледала како нешто што би можело да му се случи само на некој друг. Се разбира, станува збор за најпрекоруваниот роман, „Лолита“.

Јавното мислење и неговите претставници не можеле да го обвинат Набоков дека навредил нечија чест или дека ќе покрене бран на педофилија во американското општество. Меѓутоа, го мразеле и се обиделе да му се одмаздат затоа што ги натерал да се соживеат со неговата приказна и да сфатат колку е таа возможна и човечка, затоа што валканата долна облека на човечките нагони се раширила низ градскиот плоштад насред мирното буржоаско попладне.

Цензурата денес

Денес ситуацијата е променета. Во ерата на маркетингот, самите писатели играат на картата на ласцивност, и често со невкусни и банални теми се обидуваат да привлечат внимание кон своето дело.

Законските забрани не постојат, освен во исклучителни ситуации. Доволно е да се стави ознака дека книгата не е за помлади од (...) и работата е јасна, а таа ознака по себе е како позитивна критика на угледно книжевно списание на задната корица на книгата, бидејќи во себе содржи ветување за слаткиот вкус на забранетото овошје.

Цензурата во демократските општества не е прифатена институција и повеќе нема потреба од спалување на книги. Вредноста на слободата мора да се оправдува од ден на ден и тоа е предизвик кој пречесто многу лесно се презема. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура