X
 26.07.2017 Образование

Тексас го враќа воспитното тепање во училиштата


Ученик чита
(Фото: Getty images)

Три училишта во американската држава Тексас се согласија да го воведат тепањето како мерка за казнување на непослушните деца, пренесува британскиот „Индипендент“.

Како што се наведува во текстот, станува збор за училишта во кои учат деца на возраст од четири до осумнаесет години.

За казнувањето се пропишани јасни правила – учителот и наставниците ќе можат да користат дрвено стапче (палка) за казнување на непослушните ученици.

Секој ученик ќе добие по еден казнен удар за секое непослушно однесување, како, на пример, прекршување на правилото за однесување во училницата или за непослушност кон учителот.

Како што наведува „Индипендент“, родителите ќе добијат прашалник кој ќе треба да го пополнат, а во него ќе биде поставено и прашањето дали сакаат нивните деца да бидат казнувани на овој начин. Удар со стапче ќе добијат само оние деца чии родители ќе се согласат на овој начин за казнување на непослушните деца.

Учителот Андреј Амаро, кој работи во едно од овие три училишта, се надева дека ова ќе биде поефикасен начин за воспитување на децата на возраст од 4 до 12 години отколку казната „срамно ќоше“, и потенцира дека верува во овој начин на работа кој се применувал и кога тој одел на училиште.

Како што пропишуваат правилата – само воспитувачите и директорот на училиштето ќе можат да ја извршуваат казната со тепање, а секое училиште ќе води статистика за бројот на казнени удари за да се изврши евалуација на новововедената воспитна мерка.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование