X
 31.07.2017 Култура

Научниците ја открија вистината за мистериозниот библиски народ


Костури од Ханаанци во археолошки локалитети
(Фото: Dr Claude Doumet-Serhal/The Sidon Excavation)

Историчарите досега не можеа точно да утврдат кои всушност биле жителите на Ханаан. Тие имале огромно влијание врз културата на околните народи, што е нотирано во историските записи на нивните противници, иако потеклото и нивната судбина останале мистерија.

Но сега, секвенцирањето на геномот од еден од нивните поголеми градови овозможило и добивање на некакви одговори, пишува IFLScience.

Несигурни извори

Пред околу 3700-3100 години, поголемиот дел од територијата што денес им припаѓа на Израел, Палестина, Либан, Сирија и на Јордан бил населен од Ханаанците. Изгледа дека тие биле првиот народ што измислил системска азбука и извесно време претставувале таква велесила на Средоземјето што установиле многу свои колонии, вклучително и Картагина.

Но и покрај нивното напредно писмо, постојат многу малку ханаански пишани записи, најверојатно поради тоа што пишувале на папируси, а не на глина. Резултат на ова е што денес најмногу информации за нив добиваме од Римјаните, Грците и  Израелците, но за ниту еден нивен запис не може да се тврди дека е непристрасен. Па така, сè што се знае за нив, вклучително и библиската приказна за нивното уништување, мора да се земе со доза сомнеж.

ДНК од черепи

Доктор Марк Хабер од Институтот „Сангер“ извлекол ДНК од черепите на пет Ханаанци погребани пред 3.700 години во Сидон, град во денешен Либан, и ги секвенцирал нивните геноми, кои потоа ги споредил со 99 денешни жители на оваа земја.

Хабер открил дека тие не само што не исчезнале, како што се наведува во Библијата, туку и дека Ханаанците и денес се доминантни меѓу жителите на тие територии. Геномите од Сидон се слични и со номадите на сегашен Јордан, кои исто така се нарекуваат Ханаанци.

„Денешните Либанци веројатно се директни потомци на Ханаанците, но со мал додаток на евроазиските предци кои можеби стигнале преку далечните освојувачи како Асирците, Персијците или Македонците“, изјавува Хабер.

Денешни „чистокрвни“ Ханаанци

Во врска со нивното потекло, „Ханаанците биле мешавина од  локалните жители што се населиле во земјоделските села во текот на неолитскиот период и источните доселеници кои стигнале на тоа подрачје пред околу 5.000 години“.

„Во светло на енормно комплексна историја на ова подрачје во текот на последните неколку илјадалетија, навистина изненадува фактот дека 90 проценти  на генските предци на Либанците се Ханаанци“, вели коавторот на истражувањето, доктор Крис Тајлер-Смит.

Дополнително, Хабер и Тајлер-Смит покажаа дека древните Ханаанци изгледале исто како и денешните Либанци затоа што гените ги покажуваат боите на очите и на косата, како и малку потемната кожа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура