Промената во технологијата на производството и промената на важните состојки во исхраната, не' направија подложни на алергии, автоимуни и други болести, со што нашиот имунолошки систем е ослабен.
Падот на имунитетот најчесто се смета за причина која предизвикува многу болести - од разни инфекции и алергии до карцином на различни локализации. Затоа, се' повеќе луѓе се обидуваат на различен начин да ја зајакнат одбранбената способност на организмот. Доктор Пол Клејтон, професор по неврофарамкологија на Универзитетот во Единбург и предавач на постдипломски студии на Универзитетот во Оксфорд, тврди дека не постои „магична“ храна која за брзо време може да го зајакне нашиот имунитет, бидејќи нашиот имунолошки систем е доста комплициран и бара доста хранливи материи.
Професорот Клејтон свесен е дека луѓето се збунети поради различните информации за тоа што е важно за нашето здравје и за нашиот имунитет.
„Знаеме дека зачестеноста на автоимуните болести е зголемена за 3 до 4% годишно и за неколку децении, алергиските болести како астма, дерматитис и гастроинтестинални нарушувања ќе се зголемат за 150%. Кога одев на училиште никој во мојот клас немаше астма, а сега во секое одделение барем едно дете има астма и алергиска реакција. Исто така, се соочуваме и со пораст на малигните заболувања, чија појава исто така се поврзува со намалување на имунитетот“.
Како може да се објасни оваа катастрофална статистика?
„Веруваме дека постојат неколку причини. Она што доведува до имунолошка дисфункција се два различни фактори, и двата поврзани со исхраната. Еден од нив е недостатокот 1.3 и 1.6 бета глукан од синџирот на исхрана, што е резултат на промените во земјоделието и процесот во производство на храна. Друга причина е недостатокот на омега 3 киселини кои се доста редуцирани во исхраната. Тоа не' направи подложни на алергии, а се верува дека и ги предизвика автоимуните болести и го напраави имунолошкиот систем доста слаб. Сите овие фактори не' направија подложни на болести отколку што биле нашите предци“.
Како бета глуканите, кои се откриени уште во 1968 година, сега дојдоа во прв план кога станува збор за зајакнување на имунитетот?
„Научниците од Универзитетот во Њу Орлеанс, кои ги пронашле, успеале да откријат неверојатни својства кои бета глуканите ги имаат врз имунолошкиот систем на нашето тело и ова откритие се смета за клучен пресврт во науката за зајакнување на имунитетот. Постојат голем број истражувања за бета глукан соединенијата кои се покажаа како суштински важни“.
Се создава впечаток дека најголем број на истражувања се прават на темата за имунитетот.
„Всушност, најчестите истражувања во областа на здравството се во насока на зајакнување на имунитетот. Низ историјата, луѓето се обидуваат да пронајдат начин како да ги стимулираат клетките одговорни за зајакнување на имунитетот. Колку имунитетот е посилен и поотпорен, толку полесно ќе се бори против инфекциите, вирусите, габите и настинките. Истражувањата за бета глукан се покажаа есенцијално важни за оптимално функционирање на имунитетот не само кај луѓето туку и кај другитте цицачи и птици“.
Ако со децении се знае ефектот на бета глуканот врз имунитетот, зошто сега се потенцира нивната улога?
„Претходно бета глуканот беше доста присутен во синџирот на исхрана, па го консумиравме секој ден. Но денес, како резултат на промените во прехранбената технологија, нашето внесување на овие соединенија е значително помало, што резултира со дисфункција на нашиот имунолошки систем. Затоа мораме да го внесуваме како додаток во исхраната. Со оглед на тоа што ја стимулира активноста на имуните клетки чиј животен циклус е два или три дена, за да има ефект, треба да се консумира постојано“.