X
 14.08.2017 Култура

Епидемија на напади со киселина во Велика Британија


Фото: Ројтерс

Ноќниот кошмар на Андреас Кристоферос почна во декември 2014 година кога некој тропнал на неговата врата во едно мало гратче на југозападот од Велика Британија. Кристоферос, тогаш татко на едногодишно момче, мислел дека му ѕвони соседот или некој доставувач. Кога ја отворил вратата, пред себе здогледал непознато лице. „Ова е за тебе, другар“, рекол мажот и му го испрскал лицето со течност. „Почувствував како маичката се распаѓа од моето тело, како ја снемува ткаенината. Болката беше неиздржлива. Знаев дека е киселина“, раскажувал после тој.

Од денот кога животот од корен му се промени до денес, овој 32-годишен Британец имал повеќе од десет пластични операции, но ниту една не може да му го врати видот. Подоцна Кристоферос дознал дека бил жртва на замена на идентитетот. Напаѓачот Дејвид Филипс поминал повеќе од 500 километри за да му се одмазди на мажот кој нападнал негова блиска женска личност. Но, ја погрешил адресата.

Бројот на жртви од напади со киселина, како Кристоферос, е во драматичен пораст во Велика Британија. Нападите толку зачестиле, што минатата недела британската министерка за внатрешни работи Амбер Рад ги нарекла – епидемија. Таа пред граѓаните признала дека бројот на нападите во последните неколку години загрижувачки пораснал, во прв ред во Лондон, додавајќи дека владата ќе донесе нови мерки за да му стави крај на ваквото лудило.

Директен повод за нејзиното обраќање биле шокантните повеќекратни напади со киселина во Лондон. Јавноста била згрозена од 90-минутното дивеење на двајца напаѓачи по улиците на Лондон кои нападнале петмина доставувачи со корозивна киселина, која без проблем може да се купи во кој било трговски дуќан. Се верува дека вистинската мета биле возилата на доставувачите, а на крајот било приведено само едно 16-годишно момче кое ги негирало сите обвиненија.

Набрзо по овој напад следувале и нови случаи во квартот Бетнал Грин и пред познатата стоковна куќа „Херодс“ во Најтсбриџ, каде што сторители биле две момчиња на скутер. Возачите што работат на достава, загрижени за својата безбедност, организирале протест пред британскиот Парламент, предупредувајќи на опасностите на оваа професија. Тие почнале да одбиваат да возат на определени локации, објави компанијата „Деливери“.

Станува јасно дека Лондон има голем проблем. Велика Британија се искачи на самиот врв на скалата кога се работи за напади со киселина, особено сурово оружје кое доживотно го менува животот на жртвите. Епицентарот се наоѓа во британската престолнина каде што бројот на нападите со киселина од 261, колку што биле регистрирани во 2015 година, се искачил на 454 минатата година. Во првите четири месеци од 2017 биле забележани околу сто напади.

Министерката Рад изјави дека сите сторители на ваквите свирепи напади „ќе ја почувствуваат целата сила на законот“. Но, какви точно промени во казнениот систем предвидува владата, сè уште не се знае.

Иако нападите со киселина во светот главно се припишуваат како насилство над жените и се сметаат за „азиски обичај“, во Британија жртвите најчесто се мажи. Во таа земја денес две третини од жртвите се од машки пол. Нападот чија цел е да ја нагрди жртвата почесто се користи при грабежи или терор кој го вршат уличните банди.

На глобално ниво, пак, повеќето жртви се жени. „Во светот најчести сторители на нападите со киселина се млади мажи, а жртвите млади жени. Главно станува збор за девојки кои одбиле сексуална понуда од напаѓачот, нивни брачни понуди или нападот е поврзан со миразот“, вели Џаф Шах, шефот на меѓународното Здружение на преживеаните  жртви.

Во Британија, пак, нападите најчесто се по случаен избор, а сторителите – тинејџери. И лондонскиот градоначалник Садик Кан бара построги казни за напаѓачите, но и поголема поддршка за жртвите. „Нападите со киселина се сурови и страшни. Доживотното нагрдување има деструктивни последици за невините жртви“, вели тој.

Мажот кој го поли со киселина Самир Хусеин, 29-годишниот Мајкл Макферсон, доби осум години затворска казна. „Јас добив доживотна. Би требало и тој да ја добие истата“, смета Хусеин.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура