Британскиот образовен регулатор планира да ги казнува универзитетите кои ќе имаат голем број студенти што нема да најдат работа по студирањето или имаат многу студенти кои се откажуваат.
Целта на властите е да се намалат курсевите со лош квалитет на британските универзитети кои ги оставаат студентите во долгови без да им ги подобрат шансите за вработување. Универзитетите и колеџите може да бидат казнети до 500.000 фунти во рамките на нова регулатива за минимални барања за студентски успех која се воведува почнувајќи од овој месец.
Речиси 56.000 студенти студираат на 35 универзитети и колеџи кои не успеале да го исполнат барањето процентот на бруцоши кои запишуваат втора година да надмине 80 отсто. Освен тоа, 11.000 студенти студираат на 62 универзитети и колеџи на кои процентот на дипломци што се вработиле 15 месеци по дипломирањето е помал од 60 отсто.
Вкупно 33 универзитети и колеџи со 30.000 студенти се под ризик дека нема да ги исполнат барањата за процентот на студенти кои се откажуваат, пишува „Телеграф“. Според пресметките, над една четвртина од студентите се откажуваат пред да дипломираат.
Според Сузан Лапворт, директорка на Канцеларијата за студенти, премногу студенти се запишуваат на насоки со слаби резултати, што не ги подобрува нивните лични шанси за успех.
Извор:
Telegraph
Насловна фотографија: Pixabay