X
 03.01.2018 Живот

Што е следно за Брегзитот во 2018 година?

bregzit
Фото: Getty Images

По минатогодишниот пресврт може сè да се очекува кога станува збор за Брегзитот - повторно избори, промена во јавното расположение; и двете сценарија се можни, можеби малку веројатни, меѓутоа, не треба да се исклучат.

Единствената предвидлива работа е непредвидливоста.

Владата инсистира на тоа дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март 2019 година, а во меѓувреме преговорите за Брегзит ќе заземат одредено темпо. Што е следно и што треба да се случи?

Најпрво, заедничкиот извештај на ЕУ и Велика Британија за „доволен напредок“ треба да биде претворен во правен текст што ќе претставува основа за формален договор за повлекување. Постојат уште многу детали што остануваат нерешени.

На крајот од јануари треба да започнат формалните преговори за транзиционен период по Брегзит.

Ставот на ЕУ е дека транзицијата мора да се одвива според сите постојни правила и регулативи (вклучувајќи ги плаќањата на буџетот, надлежноста на Европскиот суд на правдата и слободното движење на луѓе) и дека треба да заврши до 31 декември 2020.

1
Фото: Reuters

Но, се чини дека никој во Велика Британија не е целосно среќен со предлозите за транзицијата. Многу бизнисмени велат дека нема да имаат доволно време да се подготват за „нов свет“ откако Велика Британија ќе ја напушти ЕУ. Од друга страна, многу поддржувачи на Брегзит велат дека транзицијата ќе ја остави државата како „вазална држава“ која ги следи правилата без никакво учество во нивното создавање.

Премиерката Тереза Меј најверојатно ќе одржи уште еден голем говор поврзан со Брегзитот - веројатно на почетокот од февруари, што можеби ќе даде понатамошни индиции за тоа што всушност сака Велика Британија.

Но, прво, таа треба да постигне некаков консензус во нејзиниот кабинет. Дали Велика Британија ќе се држи блиску до ЕУ по Брегзитот за да се обиде да ги зачува моменталните економски врски или сама ќе создава нов пат?

Според претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ова ќе биде луда трка со времето. ЕУ сака да има договор за повлекување и широка политичка декларација за идниот однос, финализиран до октомври. Тоа ќе даде време за целосно ратификување на договорот за повлекување пред Велика Британија да замине во март 2019 година. Потребно е одобрение од квалификувано мнозинство од преостанатите 27 земји-членки на ЕУ, како и едноставно мнозинство во Велика Британија и во европските парламенти.

Додека не се гласа, никој не може со сигурност да каже дека договорот за повлекување ќе биде успешно склучен. Тоа значи дека Брегзит ќе продолжи да зазема огромно политичко време и енергија во текот на оваа година.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот