Сè повеќе се заострува ситуацијата на Корејскиот Полуостров, а интересите на големите сили сè повеќе се разидуваат.
Што всушност би се случило доколку САД ја нападнат Северна Кореја, какви би биле последиците и на кој начин би можело да се изведе тоа, коментира Џери Хендрикс, пензиониран капетан во морнарицата и експерт во Центарот за нова американска безбедност, пишува
Си-ен-ен.
– Нападот на одбранбениот систем на Северна Кореја би можел да биде изведен со „невидливи“ борбени авиони од технологијата
stealth, F-22, F-35 и бомбардери B-2, на кои би им се придружиле јапонски и јужнокорејски ловци F-16 и F-15. Исто така, користењето беспилотни летала би го намалило ризикот од губиток на пилоти, вели Хендрикс.
– Тешко воздухопловство – бомбардерите B-1, B-2 и B-5 Пентагон би можел да ги повика на помош од пацифичкиот остров Гуам. Тука се и американските воени бродови опремени со ракетите
tomahawk за пресретнување на севернокорејски ракети, наменети за системите за противвоздушна одбрана.
Можни се и сајбер-напади
Хендрикс тврди дека САД би можеле да користат и сајбер-напади за да ја оневозможат програмата за вооружување на Пјонгјанг.
– Неколку минути по првиот напад, американската војска би морала да се координира со сојузничките сили за што поскоро да уништат илјадници севернокорејски проектили кои се вперени директно во главниот град на Јужна Кореја, Сеул. И тоа би било само почеток, вели Хендрикс.
Џо Чиринчоне, претседателот на организацијата
Ploughshare Fund, додава дека е многу опасно тоа што би следувало после нападот на Северна Кореја.
– Не е проблем да се нападне Северна Кореја, туку тоа што ќе следува. Ќе ја нападнете Северна Кореја, која ќе одговори, а има арсенал што може да го уништи Сеул. Се предвидува дека стотина илјади жители на Јужна Кореја би можеле да загинат во првите часови од борбата, а војната би можела да ескалира и до нуклеарна. Во тој случај ќе имаме десетици милиони мртви и уништување на една од најсилните светски економии. Тоа е на коцката, вели Џо Чиринчоне.
Париз и Лондон ја повикуваат Северна Кореја да ја смири тензијата
Франција и Велика Британија во саботата повикаа на смирување на тензијата после повеќедневна вербална војна помеѓу Вашингтон и Пјонгјанг.
Францускиот претседател Емануел Макрон објави соопштение во кое повикува „на одговорност и на спречување на секаква ескалација на напнатоста“.
Макрон изрази „загриженост поради засилувањето на балистичките и нуклеарните закани од страна на Северна Кореја (...) Меѓународната заедница мора да дејствува одлучно и ефикасно“ со што би го поттикнала Пјонгјанг „безусловно да се врати на дијалогот“, вели тој.
Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон истакна дека Северна Кореја на Ким Јонг-ун треба да понесе одговорност за „кризата“ помеѓу Северна Кореја и САД, потврдувајќи дека заедно со партнерите работат на пронаоѓање „дипломатско решение“.
„Во коренот на проблемот е севернокорејскиот режим и тоа мора да се реши“, напиша на социјалната мрежа „Твитер“.
„Меѓународната заедница е единствена во барањето Северна Кореја да ги прекине своите агресивни операции“.
„Соработуваме со САД и со нашите партнери во регионот за да пронајдеме дипломатско решение за кризата“.
Оваа изјава доаѓа во моментот на пораст на тензијата помеѓу Пјонгјанг и Вашингтон.
Белата куќа во саботата објави дека американските сили се подготвени да ги штитат САД од базата Гуам, а Северна Кореја најави план за испалување ракета во близина на тој американски остров во Тихиот Океан.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг го повика американскиот колега Доналд Трамп да се воздржи од „зборови и постапки“ кои би можеле да ја влошат состојбата.