Од 1 септември градинките треба да започнат со двосменското работење, соопшти денеска Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Првата смена ќе биде од 07:00 до 14:30 часот, додека втората од 14:00 до 21:30 часот и првата сабота во месецот од 08:00 до 16:00 часот.
Јавните установи за деца кои во својот состав имаат повеќе објекти и групи во други просторни услови, двосменското работење и првата работна сабота во месецот може да го организираат во еден или повеќе објекти, согласно потребата на децата и родителите. За да се направат реални проценки, до градинките е доставен и анкетен лист за секој родител, со кој ќе се утврди потребата од воспоставување на двосменско работење и прва работна сабота во месецот.
Досега шест градинки ја потврдиле потребата за воведување втора смена, и тоа е одобрено од Министерството. Станува збор за градинки од Гевгелија, Кочани, Радовиш, Охрид, Тетово и Прилеп.
Како што изјави Царовска, Министерството е подготвено за вработување на дополнителен кадар во овие установи за деца.
Од Министерството велат дека работат на подобрување на генералната состојба на опфатот на деца во градинки.
„Потребата од проширување на капацитетот на установите кои згрижуваат деца, како и потребата за отворање на нови градинки е повеќе од евидентна и треба заеднички да го решаваме ова прашање, за да се надминат проблемите со кои се соочуваат голем број родители низ државата, и во урбани и во рурални средини. Од општините се побарани локации и објекти за оваа намена, и од голем дел веќе се доставени предлози“, се вели во соопштението.