X
 19.08.2017 Живот

Идеално место да избегате од скопскиот вжештен асфалт

Петнаесетина километри од центарот на Скопје ве делат од местото каде што можете да се засолните од летните горештини, манастирската црква „Св. Никита“, помеѓу селата Чучер, Горњане и Бањани. Вистински скапоцен камен од почетокот на 14 век



Дебели сенки од густите крошни на високите липи, зелена искосена трева, десетина ниски јаболкници, а во средината на заградениот двор – ѕидана чешма со неколку чешмички. Покрај влезот – еден од бисерите на средновековната уметност во Македонија. Вистински скапоцен камен од почетокот на 14 век.
Петнаесетина километри од центарот на Скопје ве делат од местото каде што можете да се засолните од летните горештини, манастирската црква „Св. Никита“, помеѓу селата Чучер, Горњане и Бањани. Дотаму води асфалтиран пат. Ќе сретнете пензионери кои навраќаат еднаш месечно, родители кои ги донеле дечињата да се истрчаат, велосипедисти кои застануваат да се одморат, но и луѓе кои имаат мака и веруваат дека во молитвата ќе најдат спас. Тука се оние што си закупиле соби во старите конаци и секој слободен миг го поминуваат во манастирот.




Секогаш со насмевка и со раширени раце ќе ве пречека чичко Коста, домарот кој живее во едно од околните села. Им се радува на сите, особено на дечињата.
- Последнава година доаѓаат сѐ повеќе луѓе. Дури почнаа и крштевки да прават, па даваат ручек на масите под дрвјата. Дечињата ги крштаваат внатре, токму над каменот – раскажува чичко Коста.

Чудотворен камен

Со кружниот камен пред царските двери поврзана е една легенда. Под него се наоѓаат моштите на св. Никита. Се смета дека е чудотворен и им помага на сите, особено на тие што не се мажени и женети и на „оние што учат“.
- Пред неколку месеци дојде една жена и донесе пешкир и зејтин. Ги донесе во име на нејзината сестра, која 13 години не можела да има деца. Таа редовно доаѓаше, но сега не можела да дојде оти се породила. Многу луѓе што имале мака тука си го нашле лекот – раскажува чичко Коста.
Според традицијата, тој што верува застанува на каменот, се врти три пати, а потоа под килимчето го става ливчето со напишаната молба.
Покрај легендите, манастирот „Св. Никита“ е навистина прекрасно место каде што можете за момент да најдете мир и спокој. Некаде заседнати цели друштва, на друго место семејства, на трето пензионери кои искористиле ден со бесплатен превоз на градските автобуси да си поприкажат и да се разладат. Пријатна атмосфера за сите, а чичко Коста некако наоѓа начин со сите да размени по неколку збора. Најчесто во црквата, каде што верниците палат свеќи и се интересираат за историјата на објектот. Особено кога на таблата на влезот ќе прочитаат дека е споменик на културата.



Живопис од познатите зографи Михајло и Евтихиј

Црквата „Св. Никита“ е ремек-дело не само поради архитектурата туку и поради нејзиниот живопис. Ја насликале зографите Михајло и Евтихиј, авторите на фреските во охридската „Св. Богородица Перивлепта“ и „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричино. Во светската историја на уметност нивниот стил на сликање се смета за предвесник на ренесансата во Италија.
Црквата била изградена на темелите на постара црква. Во 1307/8 година кралот Милутин ја подигнал како своја задужбина. Паралелно, на јужната страна од црквата била подигната и капела посветена на св. Јован Крстител. Црквата била обновена неколку пати, во 1574 година, па во 1692 година. Во 19 век над куполата била изградена нова калота, оти старата била урната.
Во книгата „Споменици на културата во Македонија“ пишува дека архитектонски црквата има форма на впишан крст во правоаголник, купола подигната на пандантифи и четири четвртести столбови. Ѕидана е од камен и тули поврзани со малтер. Фасадите се украсени со слепи аркади исполнети со геометриски орнаменти, кои на споменикот му даваат декоративен и живописен изглед, а тоа особено е потенцирано на олтарната апсида. Првобитните мали прозорци на јужната и на северната страна на црквата биле затворени, а на нивно место се отворени други во вид на бифори.



Покрај грчките, има и старословенски натписи

Живописот на црквата потекнува од времето кога е градена. Исклучок се некои делови, како фреските насликани на куполата во 19 вк.
- Црквата има фрагментирано сочуван и постар живопис, од старата првобитна црква на чии темели е подигната денешната, и тоа во долните делови на ѕидовите од столбовите и во олтарната апсида. Врз основа на натписот кој се наоѓа на штитот од Теодор Тирон на јужниот ѕид во првата зона се гледа дека црквата ја зографисале зографите Михалјо и Евтихиј – пишува во книгата.
Како и кај други цркви, и тука живописот е поделен во зони. Првата зона ја сочинуваат светителите во цел раст „Христовите чуда“, а се издвојува композицијата „Свадбата во Кана“ каде што еден од ликовите е насликан со грб кон гледачот.
Тука се и композициите: „Исцелителите на младата жена“, „Христос од Самарјанката“, „Исцеление на младиот човек од водена болест“, „Изгонувањето на трговците од храмот“ на северниот ѕид, каде што е впечатлив ликот на Евреинот, менувач на пари кој во левата рака држи кутија, а во десната каса со пари.
Третата зона ги илустрира „Христовите маки“. Меѓу зачуваните и позначајните композиции се: „Тајната вечера“, „Миење на нозете на апостолите“, „Качување на крстот“, „Симнување од крстот“ и „Оплакување“. Во олтарната апсида е „Причестувањето на апостолите“, а на западниот ѕид е „Успението на Богородица“.
- Во живописот на црквата „Св. Никита“ јасно се изразуваат тенденциите на опширна наративност, која во 14 век доминира во повеќе цркви во Македонија. Форматот на композицијата несомнено се смалува, а бројот на фигурите се зголемува. Карактеристично за овој живопис е тоа што покрај грчките натписи, сретнуваме и старословенски, кои биле многу подостапни за населението - пишува во „Споменици на културата на Македонија“.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот