(
Фото: CC0)
До неодамна секој корисник на интернет се сметаше за паметен и добро упатен ако ги игнорираше чудните е-пошти од далечни земји. Но, за жал, разликата меѓу измама и легитимен онлајн-бизнис овие денови стана прилично заматена.
Од измами замаскирани во лажни веб-страници до малвери скриени во Wi-Fi-хотспотови, постојат неколку интернет-измами на кои понекогаш наседнуваат и најпаметните интернаути.
Лажна е-пошта од социјалните мрежи
Оваа типична метода „phishing“ доаѓа во форма на лажна е-пошта која изгледа како да потекнува од вистинска социјална мрежа. Тие можат да ве известат дека имате нови важни потсетници или да ве предупредат дека некој се обидувал да пристапи на профилот од кој мора да се пријавите за да го потврдите својот идентитет. Ако кликнете на линкот во е-поштата, ќе се најдете на лажна веб-страница. Ако се логирате на неа, измамниците ќе можат да влезат во вашиот вистински профил и ќе ви го украдат идентитетот. Потоа многу веројатно следуваат купишта сомнителни пораки кон вашите пријатели, како и многу веројатен обид за уцена.
Како да се избегне ова?
Ако постојат потсетници кои морате да ги прегледате, не проверувајте ги преку е-поштата, туку директно од социјалната мрежа, преку вашиот прегледник или мобилна апликација. Исто така, активирајте двостепена проверка на сите ваши профили во случај некој да се обидува да се логира на нив од непознат компјутер.
Неочекуван прилог во е-поштата
Оваа измама работи така што извршителите на некој ваш виртуелен пријател му го крадат профилот од некоја социјална мрежа или е-пошта, па потоа праќаат разни пораки на сите регистрирани контакти. Тие е-пошти неретко имаат и прилози или линкови до лажни страници за споделување на податоци кои од вас бараат да симнете некаква датотека. Ако го направите тоа, на компјутерот ќе добиете деструктивен малвер кој ќе ги заклучи сите ваши датотеки и ќе бара откуп за нив.
Како да се избегне ова?
Ако добиете неочекуван прилог на е-поштата или линк до страница за споделување податоци, не отворајте ја. Наместо тоа, јавете се на контактот преку друг канал на комуникација и кажете му што сте добиле од него. Во случај профилот да е украден, прашајте го за каква датотека се работи и дали тој ви ја испратил.
Неочекуван повик за пријателство
Со оваа метода измамниците го дуплираат профилот на ваш пријател и потоа одлучуваат да ве додадат и вас. Откако ќе потврдите, измамниците можат да пристапат кон вашите лични податоци и да ги користат како пристап до вашата банкарска сметка. Ова се постигнува за да ги дознаат имињата на вашите роднини, како и вашиот роденден и ги користат за да ги одговорат вашите тајни прашања или дури и да ви ја откриjат лозинката. Потоа дури може да испраќаат линкови на измамнички страници кои од вас бараат пари.
Како да се избегне ова?
Едноставно: не прифаќајте ги понудите за пријателство што доаѓаат од непознати лица. Ако некој што ви е познат ви праќа повик за пријателство, јавете му се и прашајте го дали има и некој друг профил. Исто така, што и да правите, не споделувајте приватни информации кои би можеле да се искористат за логирање на банкарската сметка.
Бесплатен Wi-Fi-хотспот
Оваа измама навидум работи на едноставен начин. Криминалецот со помош на лаптоп воспоставува бесплатен Wi-Fi-хотспот во кафуле или на аеродром. Откако ќе се поврзете, лицето има пристап до вашиот компјутер и може да го пребара за еден куп лични и финансиски податоци.
Како да се избегне ова?
Во поставките на вашиот компјутер и телефон, исклучете го автоматското приклучување на отворени Wi-Fi мрежи, а вклучете ја опцијата „Ask to Join New Networks“. Кога не го користите, исклучете го Wi-Fi. Ако сакате да се поврзете со Wi-Fi на некое кафуле, прашајте го вработениот за името на мрежата пред да се приклучите. Ако сте на аеродром, проверете ја веб-страницата претходно за да го научите името на нивната безжична мрежа. Исто така, никако, ама баш никако не обидувајте се да извршувате некакви финансиски трансакции на овие мрежи. Ако често патувате, инвестирајте средства и набавете си сопствен хотспот, заштитен со лозинка, кој ќе го носите со себе.
Поп-ап scareware
Сите сме се соочиле со ова: додека сурфаме на некоја мрежа, наеднаш на екранот се појавува предупредување дека компјутерот ни е заразен со вируси и багови. За да ги тргнеме, потребно е најпрво да ја покренеме лажната програма за да ги исчисти. Проблемот е во тоа што самата програма функционира како стапица за извлекување на бројот на кредитната картичка. За да ги избрише вирусите, апликацијата од вас бара мал надомест, но ниту тоа не е нивното најсилно оружје. Имено, програмата во себе содржи опасен малвер со кој криминалецот може да ги украде сите ваши информации и да ви го преземе компјутерот.
Како да се избегне ова?
Едноставно: не кликајте на линкови што нудат поп-ап реклами. Подобро инсталирајте робусен и повеќекратно наградуван антивирус кој сите го препорачуваат и стартувајте го почесто. Исто така, ви предлагаме да инсталирате и блокери за поп-апови во сите прегледници. За секој случај, важните податоци архивирајте ги на надворешен диск.