Пред неколку месеци чувствував дека мојот мозок е преполн со информации со што ми беше тешко да ги обработам задачите и информациите кои ги добивав. Имаше толку многу работи кои буквално го бомбардираа мојот мозок. Премногу средби и настани. Премногу пораки. Премногу статии. Премногу апликации. Премногу канали на социјалните медиуми. Не можев да бидам во чекор со сето тоа и да останам фокусиран. Ја достигнав најкритичната точка и знаев дека нешто мораше да се промени. Знаев дека морам да го намалам нередот и одвлекувањето на вниманието од мојата дневна рутина. Неколку дена после ова сознание започнав да следам како го поминувам времето и обрнав внимание на оние активности кои кај мене предизвикуваа стрес и анксиозност.
Една недела после оваа вежба, ми станаа јасни голем број работи. Поминував најмалку два до три часа на ден на социјалните медиуми. Секој слободен момент јас го земав телефонот и седев на Фејсбук, Твитер или Инстаграм. Често пати се чувствував виновен бидејќи ретко бев продуктивен и исполнет. Исто така сфатив дека колку повеќе време поминувам на социјaлните мрежи толку повеќе навлегувам во дигиталниот неред. Имав постојан страв да не пропуштам нешто па постојано го проверував мојот News Feed. Постојано мислев на мојот следен пост, следната совршена фотографија, целосно игнорирајќи во чие друштво сум. Најлошо од се', сфатив дека социјалните медиуми се возило кое го храни моето его, бегство од реалноста и поплава на мојот мозок.
Истражувањата ги потенцираат негативните ефекти од прекумерната изложеност и користење на социјалните медиуми. Во ноември 2013 година, 350 милиони луѓе биле зависни од Фејсбук. Дополнително на тоа, група на истражувачи открија јасна врска помеѓу екстремното користење на социјалните медиуми и менталните здравствени проблеми како што е депресијата. Исто така постои директна поврзаност помеѓу социјалните медиуми и анксиозноста. Според истражување спроведено од Универзитетот во Стенфорд, 51% од корисниците анкетирани преку Фејсбук и Твитер велат дека Фејсбук и Твитер им ги промениле живоите на полошо. 45% одговориле дека се чувствуваат загрижено или непријатно кога немаат пристап до социјалните медиуми. Исто така, друго истражување откри дека 73% од луѓето паничат ако не можат да го пронајдат нивниот паметен телефон. Моето искуство и податоци покажуваат дека стануваме робови на сопствените уреди и социјални мрежи.
Откако дојдов до овие податоци, донесов одлука да се откажам од сите форми на социјални медиуми oд почетокот на јули. Си ветив себеси дека ќе се држам настрана од било каква апликација - Фејсбук, Инстаграм, Твитер итн. Знаев дека мојот живот нема да биде лесен со донесувањето на оваа одлука и ќе бидам под стрес, но знаев дека ќе имам повеќе време за себеси и повеќе мир. Неколку часа подоцна ги избришав сите социјални апликации од мојот телефон. Потоа отидов на сајтовите на мојот десктоп компјутер и се одлогирав од секоја социјална мрежа. Стигнав до точката од која немаше враќање. Конечно се исклучив од социјалниот интернет.
Првите неколку дена беа ментален предизвик. Имав чувство на осаменост, здодевност, блага депресија и слични чувства. Низ главата ми се вртеа илјадници прашања. За што луѓето зборуваат и споделуваат? Кои постови и статии ги пропуштам? Кој се обидува да ме контактира? Како ќе бидам ефективен на работа? Беше евидентно дека сум станал зависен од социјалните мрежи. Одеднаш имаше огромна празнина во мојата дневна рутина. Првиот викенд се чувствував одделено од останатиот дел од светот и немав поима што се случува надвор. Бев на остров. Додека мојот мозок бараше онлајн интеракции, јас се уверував дека сето ова ќе заврши во рок од една недела.
Дури и забележав неочекувани однесувања за време на почетната фаза. На пример, се обидував да ја рационализирам употребата на одредени апликации за да го следам моето вежбање. Исто така, често пати се пронаоѓав како посегнував по мојот телефон неколку пати за да постирам статија или фотографија или некоја мисла. Започнав да забележувам дека престанав да фотографирам бидејќи не ги споделував фотографиите. Консумирањето на вести се промени. Започнав да читам страни од весници. Најизненадувачки беше тоа што повеќе не чувствував потреба да го користам телефонот бидејќи не можев да се вклучам онлајн и да разговарам со пријателите и следбениците. Мојот телефон за брзо време се претвори во уред за работа. Пресвртот што го доживеав беше фасцинантен.
Една недела после експериментот, исчезнаа анксиозноста и старото однесување. И покрај тоа што бев исклучен, уживав во намалениот стрес. Не ми пречеше празнината бидејќи мојот свет значително забавуваше. Се'уште имав желба да објавувам и да се вклучам но желбата не беше толку силна. Започнав да се потпирам на личните разговори и телефонските повици за да бидам вклучен и во работата и во социјалниот живот. Тогаш сфатив дека е возможен живот без социјалните медиуми и тој може да биде пријатен и продуктивен.
Кога стигнав до 15-от ден, забележав длабока промена. Бев повеќе присутен. Мојата анксиозност целосно исчезна. Престанав да размислувам во твитови и во визуелизирање на фотографиите и постовите. Развив посвеж ум. Престанав да се споредувам себеси со другите. Повеќе немав желба да посегнам по телефонот во текот на денот. Всушност, користењето на телефонот се намали за 50%. Повеќе не фотографирав. Телефонот повеќе не беше излез за мојата досада. Станав повеќе продуктивен и фокусиран. За време на втората недела забележав дека сум задоцнил со читањето на најголемите наслови, меѓутоа не ми беше важно. Ја прифатив трансформацијата и уживав во мојата нова ментална состојба.
Едно утро, за време на третата недела од јули, открив нешто големо. Додека медитирав во Вашингтон Сквер паркот одеднаш сфатив дека повеќе не ми се потребни другите луѓе за да ги вреднуваат моите идеи, фотографии и работи кои ги читам бидејќи вреднувањето доаѓа од внатре. Во тој момент се почувствував целосно слободно од зависноста од социјалните медиуми.
Истражувањата велат дека потребни се 28 дена за да се започне и да се одвикне некоја навика. Врз основа на моето искуство во текот на изминатиот месец, мислам дека постои основа во ова тврдење. И покрај тоа што бев подложен на позитивни и неочекувани промени во текот на јули, веќе започнав да се прашувам што сум пропуштил онлајн? Како што се ближеше крајот на јули така јас чувствував возбуда повторно да се поврзам. Но, од некаде ми дојде прашањето: Што ако останам исклучен? Како да ги воведам апликациите назад во животот? Како да ги искористам на здрав начин? Дали воопшто треба да ги искористам? Дали ќе можам да ги контролирам? И покрај двоумењето, бев подготвен да почнам повторно и да развијам поздрави навики.
На 1 август го симнав Твитер. Одлучив да започнам полека и да оценам како ќе се чувствувам после неколку дена. Веднаш штом ја отворив апликацијата информациите беа токсични. Бев изненаден од брзината на информации. Бев бомбардиран со статии, идеи, цитати, фотографии и инфографици. Интересно, консумирав повеќе информации во првите десет минути отколку претходните неколку дена. Беше возбудливо. Три дена подоцна, го инсталирав Инстаграм и се потсетив колку обожавам да споделувам фотографии како и да видам што луѓето прават и како го поминуваат животот. 24 часа подоцна ја постирав мојата прва фотографија на зајдисонце во Санта Моника. Повторно се почувствував поврзан со светот.
Бидејќи мојата детоксикација од
социјалните медиуми заврши, се обидував да создадам здрави навики и да започнам со умерена употреба, но сепак се вратив на старото однесување. Иако избегнував да ги користам социјалните медиуми од апликациите, сепак открив дека постојано се враќам на Твитер во текот на паузите. Исто така, се обидов да поставам граница за тоа колку фотографии ќе постирам. И покрај овие протоколи и најдобрите намери, сепак се враќав на старите навики. Не само што постирав повеќе фотографии туку и открив дека го проверував телефонот кога бев уморен и кога ми беше досадно. Исто како во старите денови. Можеби детоксикацијата не ме промени колку што мислев дека ќе ме промени. Можеби сум социјално животно и не можам да одолеам на поврзувањето со другите луѓе.
И покрај нестабилната врска со социјалните медиуми, овие производи ми донесоа огромно задоволство, забава и корист во текот на годините. Тие ми помогнаа да создадам нови врски и да одржувам стари пријателства. Ти ми овозможија да бидам ефективен на работа и да добијам пристап до бесконечна количина на информации. Дури и ми помогнаа да изградам самоизразување и истражување. Тешко е да се игнорира влијанието кое го имаат врз мојот живот и мојата кариера. За крај, мојата детоксикација од социјалните медиуми ме научи доста работи за себеси и за човечкото однесување. Процесот е добар потсетник дека е потребна умереност за среќен живот како и тоа дека однесувањето не секогаш се менува лесно како што изгледа.