X
 25.08.2017 Култура

Михаил Ренџов е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“

Михаил Ренџов за книгата „Јас Елегии“ е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.



„Книгата „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов е комплексно, темелно конципирано и впечатливо поетско дело што се одликува со идејно-содржинска и со формално-стилска кохерентност. Поетската онтологија, елегичниот тон и сонетната форма се хармонична тријада врз која е цврсто втемелена книгата „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов и таа неспорно претставува творечко резиме на овој автор – стои во образложението на жири- комисијата во состав: Глигор Стојковски (претседател) и членовите: Димитар Пандев, Кристина Николовска, Иван Џепаровски и Јовица Тасевски Етернијан.

„За мене беше восхитително и тоа што сум во најтесниот круг од 38-те пристигнати поетски ракописи. На овие години да се добие наградата е најпрвин поклонение на Браќата Миладиновци, а и признателност за 25-те книги што досега ги имам напишано. Трудот не бил залуден, и во оваа заодност на животот најдов причина и понатаму да пишувам – рече возбудено поетот Ренџов.

На годинашниот конкурс пристигнаа 38 поетски книги, од нив жирито селектираше пет збирки, а во најтесниот круг се најдоа „Јас. Елегии“ на Ренџов и „Со слободна рака“ на Јовица Ивановски.

Наградата „Браќа Миладиновци“ е востановена во 1963 година како признание за најдобра поетска книга меѓу два фестивала. Таа е најголемата национална награда за поетско творештво во Република Македонија. Оваа година СВП за половина го зголеми фондот на најпрестижната книжевна награда за творештво на македонски јазик, а како дел од истата е и превод на книгата на добитникот на еден странски јазик.

Во меѓувреме на фестивалот стигна и одличната вест дека поетската платформа Версопоилис и нејзините 15 партнери, поетските фестивали, меѓу кои е и Струшките вечери на поезијата, ја добиваат поддршката од програмата Креативна Европа и за наредните 4 години .

По претпладневното поетско Матине во манастирскиот комплекс во Калишта, денешниот ден на Струшките вечери продолжува со поетското кафе со претставници на поетски фестивали и платформи од странство, вечер на современата македоснак поезија, поетски портрети и читања до доцна во ноќта.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура