X
 19.08.2021 Живот

Струшките вечери на поезијата и годинава во вообичаениот термин, со физичко присуство

Еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали - Струшки вечери на поезијата ќе се одржи и оваа година, во вообичаениот термин, во периодот од 26 до 30 август, со целосно почитување на најновите мерки за заштита од коронавирусот. 

Со најновиот развој на настаните, фестивалот ќе се организира со физичко присуство на домашните поети и на најголемиот дел од поканетите учесници од странство. 

Помал дел од странските поети што од објективни причини нема да можат да бидат физички присутни ќе бидат претставени преку видеочитања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.

Специјално видеообраќање како и видеочитање подготви и годинешниот лауреат на СВП, британската поетеса Керол Ен Дафи, која го најави своето физичко присуство на следното издание во 2022 година. Иако беше првично најавен како специјален гостин на јубилејното издание на СВП, минатогодишниот лауреат Амир Ор од објективни причини беше принуден да го одложи своето физичко присуство за следното издание.

Повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата, но и од помладата генерација ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања. Во рамките на програмата се предвидени меморијални чествувања на доајените на македонската поезија Анте Поповски и Богомил Ѓузел, а специјален настан е промоцијата на монографскотото издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“, како дел од Националната програма со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура.   

Во согласност со најновите мерки за заштита, оваа година, исто како и минатата, свеченото отворање и затворање на Фестивалот ќе се одржат на покриената тераса на хотелот „Дрим“. Во преостанатите денови, претпладневната програма е предвидено да се одвива во Конгресната сала на хотелот „Дрим“, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, со задолжително приложување сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Фото: плакат на СВП 


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот