X
 23.04.2020 Култура

Пет необјавени карантински песни на Јовица Ивановски за читателите на Факултети.мк

Светот денеска го слави нејзиното височество - книгата. На овој ден ви споделуваме пет нови необјавени песни што поетот Јовица Ивановски ги напишал во периодов на изолација. Авторот на повеќе од 15 поетски книги и добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата минатата година за книгата „Човек“, признава дека не му паѓа лесно изолацијата.

- Веќе ниту ми се чита ниту ми се пишува. Изгледав сто филмa. Ми се слоши од силуваната музика, особено од балконската. Ништо не ме пали. Сакам да ме тестираат дали сум нормален! Жонглирам со син ми, се буткаме на рака, играме бејзбол... Оптимизмот ми заврши во атомската скривница во суспектното подрачје на мојот инфициран мозок. Удирам со глава в ѕид (со маска на лице, секако), му ја оспорувам излишноста на „орбитрекот“, си ја виткам долгата руса коса. Гоблени – ете зошто на времето везеле гоблени. Со другарите си разменуваме глупави видеа. Се смеам ко зелен. Се навлеков на храна. Лицето ми е подуено како на давеник. Престанав да чекам да помине. Нешто е чудо за три дена, нешто за три месеци. Опстојувам во отсуство на еден куп ускратени убавини и едвај чекам да ја фатам пролетта за јоргован. Се гледаме наскоро на некое од „нашите“ мориња! Без брисеви и тестови, без избегнувања и дистанци, без маски и гаќи за капење! Ќе јаваме бранови како да не сме допреле облаци! - вели поетот. 
Ова се песните што Ивановски ги споделува вас:


ПАНДЕМИСКА

Карантински дневници.
Малку фискултура и хоби.
Домаќинките отсекогаш
работеле од дома.
Џез-класици или Пајдушко.
Пандемијата им дава втора
шанса на недочитаните книги.
Имунитетот и алкохолот –
се ближи крајот на светот.
Здравата храна е безвкусна.
Задникот може и да се измие.
Џабе масло доколку немаме 
што да пржиме во него.
(На Италијанците би можеле да 
им донираме само макарони.) 
Се ближи полицискиот час.
Да си останеме дома, зашто 
снајперот на вирусот може 
да нè погоди во секунда.
Добро е сè додека имаме маски, 
ракавици и револвери. 

22.03.2020 


ТЕРЕТАНКИ

Самит на целулит.
Средовечни стрини со стрии.
Прска како кога се пржат чварки.
Тони сало во безуспешна борба да си
ја повратат младешката мускулатура.
По една справа за секој дел од телото.
Испарува дебелината, се топат образите.
Успеваат само најупорните, но сега 
изгледаат збрчкани како шар пеи. 
Сеедно, важно се ослабени.
Теретаната некогаш е костур на
слабеењето, некогаш само мала 
предигра кон лифтингот.
Сеедно, во неа треба да се влезе
со леснотија, а да се излезе
без тешкотија. 

27.03.2020 


КОРОНАРНА

Воздухот со 
слаб имунитет
и дишните органи 
на медицинските маски. 
Се мрсулави безгрижноста.
Нема повеќе дишење во врат.
(Со години наназад се дистанцираме 
едни од други – ете зошто, гледате?).
Не е време за паника – нè учат.
А за што е, за игранка? 
Дезинфекција, антисептици...
Мијте ги рацете со сапун! – а со што 
ги миевме досега, со пепел и песок?
Карантинот за некои е секојдневие.
Познавам стари и сиромави граѓани 
кои цела зима вежбаа неизлегување. 
Сега им се укажа можност да си ги
оправдаат следните две недели.
Да им се придружиме и да се
инфицираме со книги и филмови,
со музика и поезија.
Чудна е оваа „чума“ со потекло од Кина,
немилосрдна, а сепак пребирлива.
Само што прочитав (не знам дали е вистина)
дека заразените Италијанци кои имаат над 
80 години ќе бидат оставени да умрат,
за да преживеат помладите, 
оние што ги заразиле!

16.03.2020 


ПАТУВАЊЕ
(По неколку 
откажани патувања)

Патувањето знае да е светско,
но облагородува и кога е локално.
Некогаш предизвикува само нагон за
повраќање, некогаш желба за невраќање.
Патувањето е ослободување на куферот
заробен во прашина. 
Резервни фармерки, пет пара чорапи,
зипуван џемпер, неопходен несесер.
(Пакувањето му е предигра на патувањето).
Трае месеци пред да полеташ и години
откако ќе слеташ.
Заслужен одмор, морски викенд, бегство 
од себе, од градот, од државата...
Некогаш немрдање од дневна (проследено 
со џет лег), некогаш преминување 
временски зони до (и од) најблиската меана.
Неретко, долго и немирно пловење до 
пристаништето-брачен кревет.
Патување што, можеби, само 
твојата сопруга нема 
да го заборави.

26.03.2020


СЛУШАЈЌИ ВЕСТИ НА ТВ
(Во ковидни времиња)

Сопругот е позитивен,
а сопругата негативна!

И веднаш филмчиња:
средовечен брачен пар 
во скромен еднособен стан. 
Се гледале ли или работеле во 
различни смени?
Тесна кујна, како се разминувале?
Плачеле ли од лутиот кромид,
кивале ли од црниот пипер?
Дувале ли во лажиците со супа?
Јаделе ли мусака на иста маса?
Брачниот кревет, очигледно, 
бил претесен за двајца
(ете зошто е негативна).
Само сопругот се заразил –
некаде, некако...
Сеедно, она не би се чувствувала
загрозено дури и да има сида.

25.03.2020 








Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура