Фото: Menahem Kahana
Постојат многу причини зошто треба да го посетите Израел. Во зависност од интересите, можете да посетите значајни религиски места, како Назарет, да ги прошетате долгите песочни плажи или едноставно да уживате во магијата на Тел Авив.
А можете да правите и нешто сосема различно - да пукате од модерно оружје и да вежбате борачки вештини со израелските воени ветерани.
Оваа опција стана необичен дел од активностите што се нудат во оваа земја, а сето тоа благодарение на академијата „Калибер 3“, што се опишува како водечка антитерористичка и безбедносна академија во Израел.
Академијата била основана уште во 2003 година од полковникот Шарон Гат, а нуди различни пакети на искуство наменети за туристите, како и безбедносни решенија, заштита од закани и други активности наменети за клиентите низ светот.
Посетителите на оваа академија можат да се пријават за различни курсеви, вклучувајќи и двочасовна „стрелашка авантура“ каде што можат да научат да пукаат од различни пушки, вклучувајќи и снајпер. Тука е и програмата „Преживување и снаоѓање“ во која туристите два дена поминуваат тренирајќи во тешки услови за да ги унапредат своите вештини. Секако, може да ја вежбаат и израелската борачка вештина наречена крав мага.
Фото: Menahem Kahana
Меѓутоа, палестинските заедници сместени во близина на местото каде што се наоѓа „Калибер 3“ ја обвинија академијата за промовирање насилство и профитирање врз основа на израелско-палестинскиот конфликт. На овие обвинувања од академијата велат дека нудат „вредна услуга во тешки времиња“.
Академијата ја посетуваат 25.000 туристи годишно, од кои повеќето се Американци.