X
 17.10.2018 Култура

Данило Киш: Национализмот, пред сѐ, е параноја. Колективна и поединечна параноја

Национализмот, пред сè, е параноја. Колективна и поединечна параноја. Како колективна параноја, таа е последица на зависта и стравот, а над сè, последица од губењето на индивидуалната свест; па според тоа, колективната параноја не е ништо друго освен збир од индивидуални паранои доведен до пароксизам. Ако поединецот, во рамките на општествениот проект, не е во состојба да се „изрази“ или ако тој општествен проект не му оди од рака, не го стимулира или го спречува како индивидуа, односно не му дозволува да дојде до својот ентитет, тој е принуден својот ентитет да го бара надвор од идентитетот и надвор од т.н. општествена структура. Така, тој станува припадник на една слободно-ѕидарска група која си ги поставува, барем навидум, задачата и целта на проблемите од епохална важност: опстанокот и престижот на нацијата или нациите, зачувувањето на традициите и националните, фолклорните, филозофските, етичките, книжевните и други свети нешта.

Со товарот на таквата тајна, половина јавна или јавна мисија, националистот станува човек од акција, народен трибун, привидност на индивидуа. Кога веќе сме го свеле до таа мерка, на неговата вистинска мерка, бидејќи сме го издвоиле од стадото и сме го симнале од слободно-ѕидарската ложа во која самиот се ставил или каде што другите го сместиле, пред нас имаме поединец без индивидуалност, националист, роднина на Жил. Тоа е оној Жил на Сартр, семејна и општествена нула, чија единствена особина е да умее да пребледи при споменувањето на една единствена тема: Англичаните. Тоа бледило, тоа треперење, таа негова „тајна“ да умее да пребледи кога ќе се споменат Англичаните е неговото единствено општествено битие и тоа го прави значаен, постоен: немојте да го споменувате пред него англискиот чај, бидејќи сите на масата ќе почнат да ви намигнуваат, да ви даваат знаци со раце и нозе, бидејќи Жил е чувствителен на Англичаните, побогу, сите го знаат тоа, Жил ги мрази Англичаните (а ги сака своите, Французите). Со еден збор, Жил е личност, тој станува личност благодарение на англискиот чај. Ваквиот портрет, применлив на сите националисти, може слободно, а по своја шема, да се развива докрај: националистот, како општествено битие, и како поединец, по правило, е никој. Надвор од ова определување тој е нула. Тој го запоставил семејството, работата (главно чиновничка), книжевноста (ако е писател), општествените функции, бидејќи тие се премногу ситни во споредба со неговиот месијанизам. Дали треба да се каже дека тој, по определување, е аскет, потенцијален борец, кој го чека својот час.

Национализмот е, да го парафразирам ставот на Сартр за антисемитизмот, целосен и слободен избор, глобален став што човекот го прифаќа не само кон другите нации, туку и кон човекот воопшто, кон историјата и општеството - тоа е истовремено страст и концепција на светот.

Националистот по дефиниција е незнајко. Национализмот, значи, е линијата на помал отпор, удобност. На националистот му е лесно, тој ги знае или мисли дека ги знае своите вредности, своите национални или вредностите на нацијата на која ѝ припаѓа, етичките и политичките, а за другите не се интересира, не го интересираат, другите се пекол (другите нации, другите племиња). Тие не треба ни да се проверуваат. Националистот во другите исклучиво се гледа себеси – националисти. Позицијата е удобна. Страв и завист. Определување, ангажман за кој не е потребен труд. Не само што другите се пеколот, во рамките на националниот клуч, се разбира, туку и сето она што не е мое (српско, хрватско, француско...) ми е туѓо. Национализмот е идеологија на баналноста. Национализмот, не само по своето етимолошко значење, е последната идеологија и демагогија што му се обраќа на народот.

Писателите тоа најдобро го знаат. Затоа под сомнеж за национализам се наоѓа секој писател  изјавува дека пишува „од народот и за народот“, кој својот индивидуален глас божем им го потчинува на возвишените национални интереси. Национализмот е кич: во српскохрватската варијанта, тој е борба за превласт околу националното потекло на ЛИЦИТАРСКОТО СРЦЕ. Националистот, во принцип, не знае ниту еден јазик, не ги познава другите култури (не го интересираат). Но, работата не е толку едноставна.

Ако знае некој јазик, како интелектуалец кој има увид во културното наследство на некоја друга нација, голема или мала, тоа знаење му служи само за да воспоставува аналогии, се разбира, на штета на оние другите. Кичот и фолклорот, или фолклорот, фолклорниот кич, ако така повеќе ви се допаѓа, не се ништо друго освен замаскиран национализам, плодно поле за националистичката идеологија. Замавот на фолклоризмот, кај нас и во светот, не е од антрополошка природа, туку од националистичка. Настојувањето на фамозниот „couleur locale“ (локален колорит) исто така ако е надвор од уметничкиот контекст (значи, ако не е во служба на уметничката вистина), е еден од видовите национализам, прикриен национализам.

Значи, национализмот е негативитет, национализмот е негативна категорија на духот бидејќи тој живее на негирањето и од негирањето. Ние не сме она што тие се. Ние сме позитивниот пол, тие се негативниот. Нашите вредности, националните, националистичките, имаат функција дури во односот на национализмот на оние другите: ние сме националисти, но тие се уште поголеми; ние колеме (кога се мора), но тие колат уште повеќе; ние сме пијаници, тие се алкохоличари; нашата историја е правилна само во однос на нивната, нашиот јазик е чист само во однос на нивниот. Национализмот живее од релативизмот. Не постојат општи вредности, естетички, етички итн. Постојат само релативни. И во таа смисла, во прв ред, национализмот е назадување. Треба да бидам подобар само од својот брат или полубрат, а останатото не ме интересира. Тоа е она што го нарековме страв. Останатите дури имаат право да нè стигнат, да нè престигнат, тоа нас не нè интересира. Целите на национализмот секогаш се достижни цели, достижни бидејќи се скромни, а скромни се бидејќи се подмолни. Не се скока, не се фрла со камен од рамото за да се постигне сопствен максимум, туку за да се надиграат тие, единствените, слични, а толку различни, поради кои играта и е започната. Националистот не се плаши од никој, освен од својот брат. Но, од него се плаши со егзистенцијален страв, патолошки; победата на избраниот непријател е негов апсолутен пораз, укинување на неговото битие. Бидејќи е страшливец и никој и ништо, националистот не си истакнува повисоки цели. Победата над избраниот непријател, оној другиот, е апсолутна победа. Затоа национализмот е идеја на безнадежноста, идеологија на можната победа, загарантираната победа, никогаш конечен пораз. Националистот не се плаши од никого, „од никој до Бог“, а неговиот бог е бог по негова мерка, бледиот роднина Жил, некаде на друга маса, неговиот роден брат, исто толку немоќен колку и самиот тој, „гордост на семејството“, семеен ентитет, свесен и организиран дел од семејството и нацијата – бледиот роднина Џим. Кажавме, впрочем, да се биде националист, значи да се биде индивидуалец без обврски.

- Тоа е кукавица која не сака да го признае својот кукавичлук; убиец кој ја потиснува својата склоност кон убиство, немоќен сосем да ја придуши, а кој, сепак, не се осмелува да убие, освен во тајност или во анонимноста на толпата; незадоволна личност која не се осмелува да се побуни од страв од последиците на својата побуна – слика и прилика на цитираниот антисемит на Сартр. И од каде, се прашуваме, е тој кукавичлук, тоа определување, тој замав на национализмот во нашиот период? Притиснат од идеологии, на маргините на општествените движења, притиснат и изгубен меѓу конфронтираните идеологии, недораснат на индивидуалната побуна бидејќи таа му е скратена, индивидуалецот се нашол во пукнатина, во празнина, не учествува во општествениот живот, а општественото битие, индивидуалноста му е скратена во името на идеологијата. И што друго му преостанува освен своето општествено битие да го бара некаде на друго место? Националистот е рефулиран индивидуалист, национализмот е рефулиран (колективен) израз на тоа и таквиот индивидуализам, таквата идеологија и антиидеологија...

Автор: Данило Киш (1973)
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура