НАСА снимила две најголеми Сончеви бури за 12 години, од кои една таква ’ерупција’ предизвикала прекин во емитувањето на радиобрановите на Земјата.
фото извор: Pixabay
Сончевата бура од пред два дена е најголемата од септември 2005 година, кога е регистрирана претходната, класа „Х“, што е ознака за најинтензивната појава од овој вид. Бурата од пред два дена била од класата „X17“, а најголема од класата „X20“ е забележана во април 2001 година.
Во средата била снимена уште една бура, но со послаб интензитет. Штетното зрачење од соларните бури не може да пројде низ Земјината атмосфера за физички да влијае врз луѓето на Земјата, меѓутоа, кога се доволно интензивни, бурите можат да ѝ пречат на атмосферата во слојот каде што патуваат комуникациските сигнали.
Предупредувањето за геомагнетни бури што го издаде НАСА ќе остане во сила во наредните неколку дена.
Огромната бура во 1895 година предизвикала хаварија во телеграфскиот систем во Европа и Северна Америка, а поларната светлина што настанува од соларниот ветер можела да се види далеку на југ, до Карибите. Доколку денес се случи слична Сончева бура, се проценува дека би можела да предизвика штета од две илјади милијарди долари.
Сончева бура од класата „ X9“ е најголема снимена во денешниот „Сончев период“ од 11 години, кога активноста на Сонцето се зголемува и намалува. Таа појава сега оди кон „Сончевиот минимум“, односно намалување на Сончевата активност, па ерупциите на Сонцето се поретки. Следниот „Сончев минимум“ се очекува да се случи помеѓу 2019 и 2020 година.
Последните неколку соларни циклуси ги збуниле научниците. Во текот на последниот „Сончев минимум“, во 2010 година, во текот на две години речиси и да не се случиле бури, што не е забележано околу 100 години. Неодамнешна студија за последните податоци во текот на изминатите 30 години покажува намалување на густината на магнетните полиња на Сонцето, од што зависат и бурите, а се променила и брзината на ротација на Сонцето.
Интензивната соларно-геомагнетна
бура која од Сонцето пристига до Земјата може да доведе до нарушување на електромрежата и дистрибутивните системи, сателитските и комуникациските системи, GPS-технологијата, радарските системи и системот за навигација. Се верува и дека ваквите бури можат да влијаат и врз промената на метеоролошките параметри и врз формирањето на временските услови.