X
 23.12.2018 Наука

Дали знате како изгледа марсовска градина? НАСА го има одговорот

Изгледот на градината се темели на слики испратени од камерата на вселенското летало. Сѐ е исто како на Марс, до најситното камче и зрнце песок.

И додека сите нетрпеливо чекаат „Инсајт“ да ја подаде својата роботска рака и со неа да ги постави првите научни инструменти на Марс, инженерите на НАСА нешто слично направиле овде, на Земјата. Тие, во лабораторијата Пропалжон во калифорниската Пасадена, веќе со денови интезивно користат двојник на марсовскиот ровер на НАСА, „Кјуриосити“. Ова возило, наречено „Инсајт“, на научниците им овозможува да ги испитаат сите можности пред „Инсајт“ да започне со сериозна работа на Марс.

За таа прилика, инженерите изградиле и вистинска марсовска градина, врз основа на сликите испратени од камерата на вселенското летало. Подот го направиле од специјален материјал што потсетува на карпите и камењата и слој на песок висок десет сантиметри, за да потсетува на условите во кои дејствува „Инсајт“. Со помош на очила за проширена реалност инженерите го уредиле теренот да биде сличен како тој на Марс. Им биле потребни четири часа за до најситен детал да го реплицираат изгледот на Марс среде Калифорнија.

nasa
Фото: NASA/JPL-Caltech/IPGP


Екипата била подготвена на разни непријатни изненадувања, како големи карпи, одронети камења и стрмни косини, но за среќа, првите фотографии од Марс покажаа дека „Инсајт“ слетал на прилично рамна површина. Тоа значи дека можел слободно да ги рашири сончевите колектори за да се напојува со енергија. Проверено е и дали сите жици се на сигурно, за случајно да не се заглават во остри нерамнини.

На дваесеттина метри од „Инсајт“, се протега поле по кое се расфрлани камења; доколку леталото слеташе малку подалеку, тоа би ја отежнало работата и за него, и за научниците.



Користејќи „Холо Ленс“ очила на „Мајкрософт“ за мешана реалност, инженерите во Калифорнија пред себе гледаат слики какви што би затекнале на Марс, доколку случајно се најдат таму. Експертите на НАСА веќе неколку години користат „Холо Ленс“ и софтвер наречен „Онсајт“. Тоа им овозможува да „одат“ по површината на Марс и да донесуваат одлуки за следните чекори.

Колку се тестовите пореалистични, толку нивните резултати се попрецизни. Последните седум дена екипата интензивно маневрираше со роботичката рака, внимавајќи инструментите да не запнат на камен или карпа. Потоа, пресметале дека најдобрата положба на сеизмометарот е точно 1.6 метри пред леталото, а сензорот на топлина ќе се постави 1.2 метри лево од сеизмометарот.

Наредбите за поставување на уредите се испратени во вселената и сите во Пасадена сега нетрпеливо очекуваат „Инсајт“ да го направи она што му го наредиле.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука