Малечки сме. Далеку е сè. Ние растеме со мотото: „Тоа нема да ми се случи мене“. Живееме со ова мото сè до моментот кога ќе ни се случи. И тогаш плачеме. Плачеме затоа што животот не е фер. Страдаат сиромашните, страдаат бедните, страдаат угнетените. Страдаат оние што најмалку заслужиле. Кармата нема да се погрижи за сè. Судбината е оправдување за слаби карактери. Играта на големите риби ја мати водата и се трујат малите. Оние обичните. Дигиталната тврдина на Браун не е само суперкомпјутер, тоа е нашата реалност. Корпорациите ни ги голтнаа соништата и ги преџвакаа претворајќи ги во монотони реклами и бескорисни билборди. Светот ги пие нашите души. Се храни од нас. Парче по парче како дементорите на Џеј Кеј Роулинг, ни ја цица среќата и нè претвора во марионети. Нè впрегнува да го влечеме тркалото некоиси дваесетина, триесетина години и потоа нè фрла како искористена салфетка. Нема ни благодарам за сè што му дадовме.
Светот ги изгладнува гладните, ги убива полумртвите и им ги сече крилјата на сонувачите. Суров си, свету, ги газиш прегазените. Им ги сечеш рацете на оние без нозе. Не е фер, свету. САД е најголемиот предизвикувач на климатски промени во тебе, а страдаат Кенија и Зимбабве и Индија. Свету, молчиш, а и тие се твои деца. Не е фер. Знаеш ли што се случува моментално во Бурма или топ-тема е ураганот на Флорида, затоа што тоа е сепак Флорида. Ги гледаш запалените тела, измачените деца, а молчиш. Молчиш затоа што тоа не се случува во Рим, Париз или Манчестер. Терористички напад во Либија е нормално, ама во Париз е трагично. До кога едни животи ќе се ставаат на пиедестал, а други ќе се копаат под земја. Каде ти се знамињата? Спушти ги на половина копје! Немој, свету, да ми молчиш. Каде ти е совеста? Те пече ли? Имаш проблем, свету. Едни ти се голи и боси, а други ти носат скапи патики. Демократијата ти е привидна. Лажна. Со парчиња шарени хартии таа ги претвори робовите во „вработени“, а слугите во „лични асистенти“ убедувајќи ги притоа дека се слободни. Лажна ти е слободата, свету, лицемерен си.
Еј, зошто молчиш пред климатските промени? Зошто молчиш пред воздухот кој го дишеме. Знаеш ли, свету, дека јагленот ќе го изгориме, а нафтата ќе ја испиеме. Што потоа? Не сите ќе успеат да се преселат на Марс и да си живеат среќно до крајот на самоистребувањето. Твојата хиерархија ги притиска послабите, им ги крши рацете и дното на пирамидата се руши оставајќи хаос. Претенциозен си, свету. Ти мислиш дека си единствен во универзумот, а има толку многу други универзуми и толку многу други животи. Ти си себичен и мислиш дека ти си центарот на оваа и на сите други галаксии. А погледни околу себе, не сме сами. Универзумот ќе продолжи да постои и без нас во него, ама поубав е со нас. Свету, нашата апокалипса ја нема во Библијата. Нема да ја донесат четирите јавачи, ќе ја донесат несвесноста и несовесноста. Ќе ја донесат загадувањето, себичноста и нетолеранцијата. И немој да молчиш пред сопствените грешки. Поради нив страдаат најневините. Немој, свету, горделиво да тврдиш дека ледените капи на северниот и јужниот пол не се топат. Немој да нè убедуваш дека ситуацијата ќе се среди.
Немој да нè лажеш дека религијата е виновна. Виновна е политиката. Ороспија е таа политика. Од грешките ти страдаат најневините. Тие немаат перо и мастило да ги излеат чувствата. Немаат телевизија да им ги испере мозоците и да им ја олесни ситуацијата, тие директно ги чувствуваат последиците. Немој да ги заборавиш, свету, холокаустот, сталинизмот, масивните геноциди, ниските идеали. Наведни глава пред себе и пред другите. Им должиш извинување на понижените и навредените. Златна лажичка в уста им должиш на невините, затоа што сите деца заслужуваат детство, а сепак го немаат. Заробени во рудници, на нафтени полиња, впрегнати уште од мали во тркалото на системот, поставени на боиштата во виорот на војната, пуштени сами по мориња и океани да ни дојдат пред врата, азил да ни бараат и пак да не им дадеме. Им должиш сликовници и млеко пред спиење на сите деца. На сите деца до едно! Немој да молчиш, свету, и немој никогаш да заборавиш дека сме само точка од вселената. Собери си ги пушките и пиштолите и пушти гулаби бели. Знам дека барањето ми е клише и наивно, знам дека е здодевно, ама немој да заборавиш дека четвртата светска војна би се водела со копја и камења. Врескај, свету, немој да молчиш. Врескај, затоа што обилно крвавиш.
Автор: Наталија Тасевска
Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.