X
 24.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: Твоето лице ми звучи познато!


 
Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Всушност, најголемиот страв во процесот на градење на демократијата е истата да не се претвори, односно да не се повтори во автократија. Оти кога-тогаш моќта ќе си го направи своето и ќе почне со истата (досегашна) песна.

Она што ме замисли деновиве е како моите пријатели ги опишуваат луѓето од претходната власт, а тоа е начинот што не ги опишуваа само постапките што ги правеле, туку и контекстот во кој тоа го правеле. Првин мислев дека рационализираат, дека нечујно оправдуваат или бараат атоми на човечност, додека да сфатам дека всушност не го опишуваат човекот, ами контекстот. Па тоа малку ме стави во дилема: Дали можеби не сноси вина само индивидуалецот, ами и контекстот во којшто живее? И ако сме на некој начин сите дел од тој контекст, зарем не сме и сите малку или малку повеќе виновни за она што ни се случуваше? Тогаш која би била правдата за индивидуална, а која за колективна одговорност? И како може да ја спроведеме таа колективна правда? Зарем нема да прекршиме нечие индивидуално човеково право доколку направиме еден заеднички општествен договор дека ќе го казниме контекстот, т.е. сите еднакво?

Оти бездруго ќе мора да сносиме најпрвин колективна одговорност за да се соочиме и на индивидуално ниво. „Стравот дека ќе се извалкаме ако влеземе во контекстот на историјата не е доблест, туку начин на избегнување на доблеста“ (Жак Маритен). Оттука, останува ли наша единствена цел – да ги употребиме сите можни средства за едно поголемо општествено добро? Оти пак најниска точка на неморалноста е да не се преземе ништо. А дел од товарот на вината мора да си го преземеме и сами. Настрана фактот што и одделни функции сами по себе си бараат одговорност, не заради некоја народна катарза или задоволување на парадигмите црно-бело, добриот-лошиот, туку единствено заради окончување на крајот. А крајот се гледа само кога судијата одмерено, цврсто и непоколебливо ќе удри на маса. Ама крајот го нема. Сѐ уште.

И тука веќе нешто ми звучи познато. Ако сте ја читале „Парадоксот на Диоген“, драмата завршува без изречена судска пресуда за обвинетиот Драшко Каровски. Крај нема, но затоа пак има широки описи за контекстот во кој живее обвинетиот архитект на хотелот „Сплендид“, кој се урива. Контекстот отвора големи можности за дебати и дискусии и можни оправдувања за моралните кризи и коруптивни однесувања на еден млад човек. Пресуда нема, контекстот е широк, крајот е отворен, а публиката ни ваму-ни таму.

Оттука, демократскиот развој нужно мора да се темели врз јасни и недвосмислени пресуди, тој мора да се гледа единствено во разбивање на илузијата дека личната благосостојба на еден човек може да се издвои од благосостојбата на сите други. Мора да се ставиме во контекст, но вината секој треба да ја преземе сам на себе. Ако нема пресуди на индивидуално ниво, постои опасност контекстот да ги прими врз себе сите неморални, деградирачки постапки и криминогени атрибуции. Да ги апсорбира навнатре. Од тоа полошо здравје. Затоа, секој што ќе се обиде да пее по тие ноти, треба да се сече во корен и да му се пресуди: Твоето лице ми звучи познато!

Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни