Бидете гласни, искажете го вашето мислење без страв. Вие сте корективот на општествените политики, симболот на слободата и на прогресивниот дух и иднината на Република Македонија. Со овие зборови министерката за образование и наука Рената Дескоска им се обрати на сите студенти-бруцоши на првиот академски час.
Чест ми е да ве поздравам и да ви посакам успешна академска година. Искрени честитки на сите бруцоши кои своето образование ќе го продолжат на бројните студиски програми кои ги нудат високообразовните институции во земјава, а со тоа го избраа патот за личен и општествен прогрес базиран на знаење. Вашето присуство во амфитеатрите и лабораториите докажува дека сте ја разбрале пораката која вели: Инвестирањето во знаењето е најсигурната одлука, како на личен така и на општествен план. Само луѓе кои се стекнале со одредени компетенции, кои се подготвени стручно и професионално да се справуваат со задачите и предизвиците ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот, а со тоа ќе придонесат и за сопствената, но и за општата благосостојба на заедницата во која живеат. Ќе се залагам за подобрување на стандардот на студентите, а истовремно ќе ја гарантирам и автомијата на универзитетите – вели Дескоска.
Таа им се обрати и на колегите-професори, дека стојат на иста страна, со заедничка мисија и цел да обезбедат повисок квалитет на високото образование, академска и творечка слобода.
- Имате партнер од другата страна, вистински партнер кој заедно со вас, ќе работи на исполнување на сонот за светски признати универзитети. Vivat academia! – рече Дескоска.