X
 30.08.2018 Наша тема

Едни со родителите под рака, други со идните цимери, бруцошите навалија на факултетите

Најмногу метеж денеска имаше на факултетите по компјутерски науки

Млади, полетни, полни со желби, малку и во недоумица што ги чека, некои со мајките и татковците под рака, идните студенти денес се упатија на многуте факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Едни со голема желба, други – со идеја да поминат неколку години во главниот град. УКИМ може да прими 11.661 студент годинава, од вкупно 21.778 бруцоши колку што сите државни факултети во земјава можат да примат.


Првиот ден на првиот уписен рок на државните факултети е полн со возбуда. Некаде полупразни ходници, а некаде и редици кандидати.
На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Факултетот за електротехника и информациски технологии, Технолошко-металуршкиот факултет утрово беше тешко да се разминеш. Поразговаравме со неколкумина бруцоши за нивните желби и изборот на студии.

Им се восхитував на докторите на филмовите

Сретнавме неколку другарки од Берово, подготвени да ги остварат своите соништа. Весна и Елена го избрале Медицинскиот факултет.
- Јас од мала сакам да се запишам на Медицина. Уште кога ги гледав докторките на филм како се шетаат со белите мантили, посакував и јас да бидам тоа еден ден. Ми одеа тие предмети и така одлучив – вели Елена.
За Стоматолошкиот факултет се одлучи Марија, која признава дека од мала ја има оваа желба и дека имала допир со медицината покрај нејзината мајка.

Најпросперитетните професии поврзани со компјутерските науки денеска привлекоа и најмногу млади во аулите на факултетите.
Беровчанката Соња го одбрала ФИНКИ оти вели дека тоа е најбарано на пазарот и има работа. Нејзиното мислење го дели и Билјана од Тетово.
- Конкретно го следам примерот на мој братучед, успешен е во професијата. Нестрплива сум да почнам да студирам – вели таа.
Нејзината другарка Емилија, пак, го избра Факултетот за дизајн на облека на Технолошко-металуршкиот факултет, област што ја сакала одамна.
- Ме привлекува математика, привлечни ми се предметите, а засега не знам што сакам да работам. Имам братучетка која е веб-програмер и на некој начин ме измотивира – вели бруцош од Тетово.
Софија од Скопје ги избрала Семејните студии на Филозофскиот факултет.
- Преку сестра ми дознав за овој факултет, има интересни предмети. Нестрплива сум да почнам да студирам.


Очекуваме нови искуства

Игор од Неготино, пак, го избрал Факултетот за физичка култура и спорт.
- Го избрав овој факултет затоа што го сакам спортот, се занимавам со кикбокс. Искрено, јас сакам да возам камион, па додека да добијам возачка, факултетот ми е само за да ми помине времето, оти не гледам иднина во Македонија.
За разлика од него, неговиот другар Петар е цврсто убеден што ќе работи и како сака да студира. Сака да стане психијатар.
-Учев општа гимназија. Татко ми е медицинар, а и мене тоа ме привлекува многу. Нестрплив сум да почнам. Веќе знам што сакам и да продолжам, тоа е психијатрија, ама чекор по чекор, прво општа медицина. Очекувањата ми се високи, па ќе видиме. Прво требаше да одам во Бугарија, ама немаше слободни места и се решив за овде.

Сретнавме уште неколку другари од селото Богданци. Двајца од нив го избраа Машинскиот факултет.
- Ме интересира механизацијата. Би сакал да работам во странство по струка, а од студирањето очекувам нови искуства – вели Дарко.
Неговиот иден цимер Симон го привлекуваат математиката и физиката и затоа го избрал Машинскиот факултет.
18-годишниот Јован од мал сака да биде инспектор и го одбрал Факултетот по безбедност на Филозофскиот факултет.


Девојка од Тетовско го избрала Економскиот факултет, поконкретно сметководство и ревизија.
- Оваа насока не беше по мој избор, сакав нешто друго, ама имаме фирма и некој треба да ја наследи. И во средно добро ми одеше сметководството и сакам да почнам да студирам.
Насоката маркетинг е интересна и за Наташа од Кавадарци, која учела и во средно маркетинг и е нестрплива да почне студентскиот живот.
Бруцошка од Скопје не знаеше да ни сподели зошто го избрала Факултетот за социјална работа и социјална политика и рече дека не е баш возбудена што ќе почне да студира.

Фото: Радован Вујовиќ
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема